ИКС: Програмата на МТВ, Сител, Алфа и Канал 5 е можно да е координирана од еден ист извор

од desk3
91 прегледи

Институтот за комуникациски студии објави извештај од следењето на медиумските содржини преку Механизмот за набљудување и реакција спроведено во периодот меѓу 23 ноември и 18 декември 2015. Биле опфатени 11 информативни емисии (вести) на јавниот сервис (МТВ1 и МТВ2) и на 7 приватни телевизии (Сител, Канал 5, Алфа, Телма, Алсат М, 24 вести и ТВ21). Предмет на анализа се сите прилози (2782 прилога во известувачкиот период) во информативните изданија кои се однесуваат на политички субјекти. Освен вестите, со анализата на врамувањата се опфатени и главните изданија на политичките емисии на овие телевизии.

televizija1

Наодите од анализата на врамувањата (framing analysis) според Институтот покажуваат дека набљудуваните медиуми можат да се групираат во две категории: телевизии чиишто содржини конструираат пропагандни и популистички дискурси во полза на ВМРО-ДПМНЕ и Владата; и телевизии чиишто содржини се благо критични или неутрални кон власта. Анализата покажува дека постои голема сличност во врамувањата кои се конструирани во вестите од Јавниот сервис и комерцијалните медиуми – Сител, Алфа и Канал 5. Постои големо поклопување во изборот на темите, изворите и во аголот на обработка на темите. Може дури и да се забележи синхронизирано емитување на прилози на иста тема и со исти соговорници кои унисоно ја фаворизираат владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Овој наод упатува на заклучокот дека програмата на овие телевизии е можно да е координирана од еден ист извор.

Gallup за 2016 : Само 25% од Македонците очекуваат ек. просперитет, 30% не очекуваат, 38% се неутрални…

Според Институтот анализата на медиумите кај кои може да се забележи или неутрален или благ критички пристап – Телма, Алсат М, 24 Вести и ТВ21, покажува дека овие телевизии пружаат отпор на хегемониските дискурси на партиите на власт и што циркулираат низ провладините медиуми. ,,Кај нив, речиси во поголем случај на прилози се почитува професионалното правило да се претстави, условно речено, и „другата страна“ во медиумските стории. Тоа значи дека овие телевизии го обезбедуваат т.н. внатрешен плурализам во вестите, преку напорот да претстават што повеќе спротивставени мислења и ставови за една тема.,, се вели во извештајот . Сепак нагласува анализата, и кај дел од прилозите и на овие телевизии може да се забележи тенденција на нарушување на професионалните стандарди во поглед на спектарот ан консултирани извори. И кај овие телевизии се сретнуваат прилози кои имаат само еден извор. Оваа практика во селектираниот период не е систематска и не е злоупотребена во насока на фаворизирање или демонизација на политичките субјекти. За изградба на здрави професионални стандарди потребно е оваа практика да биде сменета.