Eдна изборна единица е тема која со години е барање на еден добар дел од парламентарните и вонпарламентарните политички партии. Дел од овие партии ги преставуваат немнозинските народи во Р.С.М. Една изборна единица ќе допринесе за подемократско преставување на гласачите, подобро рефлектирање на волјата на ткивото на нашето општество во Собранието и ќе спречи предизборни договори кои се докажа дека не се добро решение за решавање на програмските цели на политичките партии. Земјата ќе добие во демократија, вели во изјава за „Локално“, д-р Бејџан Иљас, претседател на Демократската партија на Турците на Македонија (ТДП).
Иљас заедно со Павле Трајанов, Маја Морачанин, Моника Зајкова, Боби Мојсоски, Љупчо Балкоски доставија писмо до претседателот на Собранието, Талат Џафери во кое бараат во најкус можен рок да се закаже пленарна седница на која ќе се расправа за предлозите за една изборна единица, пропорционален модел и без изборен праг.
Претседателот на ТДП вели дека неговата пратија стои на ставот дека ова прашање треба што поскоро да се дискутира во Собранието со вклучување на пошироката стручна јавност и на вонпарламентарни политички партии.
-Ова е повеќе од нужност за подигање на демократските вредности во парламентарнта демократија. При средбите со нашите коалициони партнери истото е пренесено со голема важност. Истото го бараме и од опозицијата. Ова прашање нема да го условуваме за продолжување на извршната власт, но сакаме истото што поскоро да се дискутира и да се усвои. Верувам дека нашето барање ќе добие подршка од другите чинители во парламентот и вон него. Досега немаме одговор од кабинетот на претседателот на Собранието, но веруваме дека тоа ќе се случи во скоро време. Еден од приоритетите на новата влада мора да биде и промената на изборниот законик, смета Иљас.
Во писмото упатено до претседателот на Собранието потсетуваат дека Предлог-законот за измени на Изборниот законик е доставен уште на 5 март 2021 година и дека тој е ставен на дневен ред на седницата закажана за 18 мај, но оти досега не е почната расправата.
-Со оглед на важноста на законот, инсистираме во најбрз можен рок да се закаже пленарна седница и да се отвори расправа по Предлог-законот. Инаку, со промените се предлага Република Северна Македонија да биде една изборна единица, со пропорционален изборен модел и без праг,се наведува во барањето.
Партиите бараат да се донесе законот во рок од три месеци. Доколку до 15 април не се донесат измените ,тие најавуваат дека ќе го напуштат владејачкото мнозинство. Поддршка за изборните реформи ќе бараат од сите пратенички групи и независни пратеници.
Б.М.