По неколку закажувања и откажувања, денеска седница на собраниската Комисија за надзор над тајните служби. Пратениците со безбедносен сертификат во посета на Агенцијата за национална безбедност. Опозицијата со над 30 прашања меѓу кои и клучното да се направи декласификација на прислушуваните материјали откако власта обвини дека претходното раководство на Агенцијата во периодот од 2019 до 2024 година го прислушувала премиерот Христијан Мицкоски, тогашен опозициски лидер, новинари и бизнисмени. Според СДСМ, власта бега од објавување на вистината за да прикрие сомнителни активности или влијание од странски служби.
Каде е проблемот со декласификацијата на документите?
За дел од експертите во земјава, декласификација на класифицирана информација е можна само доколку се утврди дека декласификацијата и нејзиното објавување нема да нанесе штета на националните интереси и функционирањето на институцијата, во сегашниот случај на АНБ. Според аналитичарот и безбедносен експерти, Александар Илиев, тоа е уредено со Уредбата за администривна безбедност на класифицирани информации, II. УТВРДУВАЊЕ НА СТЕПЕНОТ И ОБЕЛЕЖУВАЊЕ НА КЛАСИФИЦИРАНИТЕ ИНФОРМАЦИИ, Член 2. Како што вели, следствено класификацијата не се одредува според политичка желба нешто да биде објавено туку на основа на критериуми дефинирани во уредба.
-На пример, доколку објавување на инфомација може исклучително сериозно да наштети на остварувањето на целите на меѓународната политика или на меѓународните односи на Републиката или на односите на странска земја или меѓународна организација со Република Северна Македонија, тогаш таа информација се класифицира со СТРОГО ДОВЕРЛИВО. Или пак доколку може да причинат сериозна штета на оперативната ефикасност или безбедност на Републиката или на ефикасноста на вредни одбранбени безбедносни или разузнавачки операции тогаш се степенува со ДОВЕРЛИВО. Оттука, декласификацијата е предмет на стручна проценка и е регулирано со Уредба, а не е зависна само на политичка волја, вели Илиев за „Локално“.
Според соговорникот, во сегашната ситуација и власта и опозицијата се фокусирани на следните локални избори и дебатата во јавноста е водена од желбата за подобар резултат на следните избори. Затоа и дебатата е преку медиуми, истакнува Илиев, а партиите се обидуваат да ги убедат своите членови и дел од неопределените дека политичкиот ривал има негативна улога.
-Гласачите нема да имаат факти да утврдат кој е во право и веројатно ќе креираат став на основа на својата политичка наклонетост. Јасен став дали имало злоупотреба може да заземат обвинителството и судството. Доколку имало злоупотреба на службена положба, тоа може да биде процесуирано од страна на судии и обвинители кои поседуваат соодветни безбедносни сертификати, но за тоа ќе е потребно време, објаснува експертот.
Надзорната комисија од Собранието, смета Илиев, најверојатно нема да има единствен став за обвинувањата и ќе биде поделена по политичка линија.
-Докажување на странско влијание и објаснување преку кои политички партии истото се остварува е тема која е комплексна и нема како да се објасни во еден прес или интервју. На ова прашање нема како да се добие прецизен одговор поткрепен со факти. Фактот дека за пет недели имаме избори, не дозволува состојба за објективна дебата, неоптоварена од политичко влијание. Следствено, наместо експертска дебата пологично е во следните пет седмици да сведочиме на политички изјави и обвинувања, стои во деталното објаснување на Илиев за документите за наводното прислушување од страна на една група од претходното раководство на АНБ.

Седница на Комисијата за надзор на АНБ и АР/Фото: Принтскрин
Од друга страна, ВМРО-ДПМНЕ го смета барањето на СДСМ за блеф со кој се обидуваат да ги заштитат организаторите на прислушувањето.
Јавното обвинителство објави дека тим обвинители од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција биле во Агенцијата за национална безбедност.
Според Обвинителството, бидејќи станува збор за обемна и чувствителна документација, врз основа на која мора да се добијат релевантни документи, контролата ќе трае во наредниот период, додека ќе се преземат и други предистражни дејствија.
Н.П.