Влатко Иљачев Балдер, претставник на Директна демократија, се огласи за време на протестот организиран од Иницијативата „Кој е следен“, каде што изрази своето разочарување од корумпираниот систем во Македонија. На протестот, кој се одржа пред Собранието, Иљачев ја истакна трагедијата во Кочани, при која загинаа 59 лица, и ја поврза со нефункционалноста на институциите.
„Иако не сум дел од движењето, ќе кажам дека во Кочани загинаа 59 луѓе поради еден корумпиран систем. Тие загинаа, а ние умревме заедно со нив. Од тогаш зборуваме дека системот е корумпиран. Затоа, ве прашувам: кој систем е корумпиран? Здравствениот, правниот, административниот? Колку од вас верувате дека политиката е најкорумпирана професија во Македонија? Корупцијата ја има секаде, но најголемата доаѓа од политиката и политичарите.“, изјави Иљачев, додавајќи дека оваа трагедија е само еден пример за длабоките проблеми во Македонија.
Иљачев, кој се приклучи на протестот „Кој е следен“, нагласи дека најголемата корупција доаѓа од политиката и политичарите, кои според него, не се искрени и не го имаат интегритетот потребен за вистински лидерство. Тој потсети дека политичарите во Македонија не се стремат да служат, туку да владеат, додека народот страда.
„За да имаш успешна политичка кариера, треба да продаваш ветар и магла на народот. Професија која нема искреност и транспарентност, не може да има интегритет. Поради нивната неискреност, политичарите не можат да бидат лидери и да имаат интегритет. Промени ни ветуваат тие што немаат интегритет, носат закони кои им одговараат само нив, додека се богатат, а народот страда. Најголеми криминалци се политичарите. Наместо политичарите да служат, тие станаа газди, а народот трча секои 4 години да гласа поради интереси. Политичките партии се најголемиот проблем во оваа земја“ додаде Иљачев.
Неговата изјава беше дел од протестот на Иницијативата „Кој е следен“, која бара промени во системот и поттикнување на борбата против корупцијата и неефикасноста на институциите.