Илјадници протестираат пред Собранието: Неуспешен обид за импичмент на претседателот на Јужна Кореја

од Vladimir Zorba
354 прегледи

Парламентот на Јужна Кореја на денешното гласање не ја усвои одлуката за импичмент на претседателот Џун Сук Јеол, а сето тоа по фијаското со обидот за воведување вонредна состојба во земјата.

Националното собрание на Јужна Кореја ја започна седницата со резолуција за нацрт-законот со кој ќе започне истрага на специјалното обвинителство против првата дама на Јужна Кореја, Ким Кеон-хи.

Како што се наведува, таа е осомничена дека била вмешана во шема за манипулација со акции како и за назначување на одредени функционери. На крајот овој закон не беше изгласан бидејќи му требаа уште два гласа за да се поддржи. Според Уставот на Јужна Кореја, потребни се минимум 200 гласови за да се донесе одлука во парламентот.

После тоа во парламентот се расправаше за импичмент на претседателот, а во тие моменти претставниците на владејачката партија ја напуштија салата.

„Предавници, вратете се внатре!“, им викаа опозиционерите.

Но, од 107 членови на владејачката партија, во салата се вратија само тројца политичари, што беше недоволно за изгласување недоверба.

„Ова е игнорирање на волјата на народот. Ова е непочитување кон народот, непочитување кон народното собрание. Како пратеници не смеете да го правите тоа. Кореја е демократија изградена на крв и солзи. Зарем не се плашите дека историјата ќе ви суди? Луѓе? Светот? Учествувајте во гласањето, а со тоа заштитете ја демократијата“, рече претседателот на Собранието.

Додека траеше гласањето во парламентот, илјадници граѓани се собраа пред зградата и ги повикаа политичарите да гласаат за импичмент на претседателот. Тие изразија незадоволство и од тоа што владејачката партија не учествуваше во гласањето и најавија нови протести.

Пред самото гласање, на јавноста и се обрати претседателот на Јужна Кореја, кој ѝ се поклони на нацијата и побара извинување за обидот да се воведе вонредна состојба.

„Многу ми е жал и би сакал искрено да им се извинам на луѓето кои беа шокирани. На мојата партија и оставам да преземе чекори за стабилизирање на политичката ситуација во иднина, вклучително и прашањето за мојот мандат“, рече Џун.

Да потсетиме, претседателот на Јужна Кореја на 3 декември донесе одлука за прогласување вонредна состојба, на што жестоко реагираа политичарите и граѓаните на оваа земја.

Армијата потоа го блокираше парламентот, а граѓаните масовно се собраа барајќи поништување на одлуката. По големиот притисок од јавноста и политичарите, јужнокорејскиот претседател одлучи да ја укине вонредната состојба.

Слични содржини