Илјадници се смрзнуваат на минус: Првата територија во Европа што остана без греење по прекинот на снабдувањето со гас

од Nikola Popovski
90 прегледи

Сепаратистичкиот молдавски регион Придњестровје го прекина снабдувањето со греење и топла вода за домаќинствата откако Русија престана да испорачува гас преку Украина.

„Нема греење, ниту топла вода“, изјавила телефонски вработена во локалната енергетска компанија Тирастеплоенерго од Тираспол, главниот град на Придњестровје. Таа додала дека не знае до кога ќе трае оваа ситуација.

Придњестровје е проруски регион кој се отцепи од остатокот на Молдавија по распадот на Советскиот Сојуз во 1991 година. Добиваа гас од Русија преку Украина, но таа рута за испорака беше прекината во средата поради истекот на транзитниот договор меѓу двете завојувани земји.

Во соопштението на веб-страницата на енергетската компанија се вели дека намалувањата на греењето стапиле на сила во 7 часот по локално време во средата, но дека одредени објекти како што се болниците се изземени.

Компанијата го повика населението да се облекува во топла, да ги собере членовите на семејството во една просторија, да стави ќебиња или дебели завеси над прозорците и балконските врати и да користи електрични греалки.

„За греење на станот е забрането користење на плински или електрични печки. Тоа може да доведе до трагедија“, предупреди компанијата.

Приднестровје во голема мера коегзистира мирно со Молдавија од кратката постсоветска војна во 1992 година. Во регионот се стационирани околу 1.500 руски војници.

Локалниот парламент минатиот месец апелираше до Кремљ и рускиот парламент да постигнат нов договор со Украина за обновување на испораките на гас. Москва тогаш изјави дека ќе ги заштити своите граѓани и војници во Придњестровје.

До истекот на транзитниот договор со Украина, Русија и снабдуваше на Молдавија околу 2 милијарди кубни метри гас годишно, испумпуван преку Придњестровје.

Молдавија ја обвинува Русија дека користи енергетска зависност за да ја дестабилизира земјата, што Москва го негира.

Слични содржини