Илјадници во Тел Авив повикуваат на соживот меѓу Арапите и Евреите

од Nikola Popovski

Илјадници луѓе повикаа на соживот на Арапите и Евреите на собирот во Тел Авив синоќа. Овие демонстрации биле само една од неколкуте одржани низ Израел за да се повика на мир меѓу Израелците и Палестинците, по 11-дневниот конфликт во Газа, кој заврши со примирје рано во петокот.

Демонстрантите марширале низ градот и подоцна се собрале на плоштадот Хабим каде им се обратиле политичари и уметници.

Ајман Одех, лидерот на најголемата партија на израелските Арапи во Кнесет, израелскиот парламент, повикал на формирање палестинска држава покрај Израел.

„Тука има две нации. Двете заслужуваат право на самоопределување“, рекол тој.

Израелскиот писател Дејвид Гросман истакнал дека „борбата денес не се води меѓу Арапите и Евреите, туку оние од двете страни кои се стремат да живеат во мир и фер партнерство и оние од двете страни кои се хранат со омраза и насилство“.

За време на конфликтот во Газа, најголем од војната на таа палестинска територија во 2014 година, избувна насилство меѓу Евреите и Арапите во градовите низ Израел, каде што живее мешано население.

Исто така, имаше насилство на другатапалестинска територија на Западниот брег помеѓу израелските сили и палестинските демонстранти.

Конфликтот во Газа откри длабоко незадоволство кај Палестинците на палестинските територии и во самиот Израел, меѓу другото, поради статус-кво состојбата и ќор-сокакот во мировниот процес што трае со години.

Слични содржини