Илон Маск, главниот извршен директор на „Тесла“, потврди дека ќе остане на чело на американскиот производител на електрични возила најмалку уште пет години. Во интервју за време на Економскиот форум на Блумберг во Катар, Маск без двоумење рече: „Да, без сомнение“.
Оваа изјава доаѓа во време кога некои акционери изразуваат загриженост заради широкиот деловен и политички ангажман на Маск, кој, според нив, може да доведе до намален фокус врз „Тесла“. Маск, освен што ја води „Тесла“, е вклучен и во неколку други иницијативи – вклучително и во советодавната улога на американскиот претседател Доналд Трамп и проектот познат како Оддел за владина ефикасност (DOGE).
Цената на акциите на „Тесла“ значително флуктуираше од почетокот на годината и моментално е во пад од над 12 проценти. Сепак, во вторникот акциите се зголемиле за околу еден процент, според CNBC.
Маск појасни дека нема намера да се повлече од позицијата извршен директор бидејќи, како што вели, е важно да ја задржи контролата врз стратегијата и долгорочниот развој на компанијата. „Не се работи за пари“, изјави тој. „Станува збор за разумен степен на контрола врз иднината на компанијата“. Додаде и дека сака да го задржи својот „гласовен потенцијал“ за да спречи активистички инвеститори да го сменат од функцијата.
Во последниов период, Маск е сè поактивен на политичката сцена, особено меѓу републиканските кругови, што предизвика протести и напади на неколку локации на „Тесла“. На прашањето дали лично ги доживува критиките поради неговите политички активности, тој одговори потврдно. „Во ред е луѓето да се спротивставуваат на моите политички ставови“, рече Маск. „Но, не е прифатливо да се прибегнува кон насилство, палење кукли со мој лик или закани со смрт“.
Маск најави и дека во иднина значително ќе ги намали донациите за политички кампањи.
Покрај „Тесла“, Маск раководи и со вселенската компанија SpaceX, е сопственик на социјалната мрежа X (поранешен Twitter), како и на стартапот за невротехнолошки иновации Neuralink. Но, неговите планови не застануваат тука. Во истото интервју, Маск откри дека Starlink – сателитската интернет мрежа која сега работи под SpaceX – би можела во иднина да стане посебна, јавно котирана компанија. „Можно е Starlink еден ден да излезе на берза“, изјави тој.
„Старлинк“ моментално оперира во повеќе од 70 земји и продолжува со брза глобална експанзија, со особен фокус на пазарите во развој како Индија.