Им дал „тергатол”, „запира” и „дијазепам”: Продолжен притворот за скопјанецот кој предозира четири деца во својот стан

од Nikola Popovski
53 прегледи

По спроведена истражна постапка, Основното јавно обвинителство Скопје поднесе Обвинителен акт против 40-годишен скопјанец за Тешки дела против здравјето на луѓето по член 217 став 1 во врска со член 212 став 1, како и четири кривични дела – Излагање на опасност согласно член 134 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

Обвинетиот, на 11 и 12 јули годинава,  во неговиот дом во Козле, ставил во промет лекови што се штетни за здравјето и им дал да ги употребуваат на четири деца родени 2006, 2007, 2008 и 2009 година. Тој заедно со децата почнале да конзумираат алкохол првично на летниковец во дворот, а потоа во текот на ноќта и во дневната соба од куќата. Во текот на вечерта обвинетиот од комодата во дневната соба извадил лекови „тергатол 200 мг”, „запира 10 мг” и „дијазепам 5 мг” кои ги користел како ординирана терапија за одвикнување од алкохолизам. Дел во таблети, а дел изронети за да можат да се земат преку шмркнување со носот, им ги понудил на оштетените деца „за подобро расположение“.  Иако бил свесен дека од ваквата комбинација на лекови и алкохол може да настапи штетна последица, тешко им го нарушил здравјето на децата. Кога лековите почнале да делуваат со нивното дејство кое манифестира вртоглавица, нерамнотежа и нарушување на свеста, децата започнале да паѓаат и се здобиле со повеќе телесни повреди.

Обвинетиот ги оставил децата и си заминал да спие во спалната соба. Утрината кога станал повторно ги затекнал како лежат во безсознание и ги оставил без каква било помош, иако претходно самиот го довел во опасност нивниот живот.

При интервенција по пријава за нарушен ред и мир, полицијата ги пронашла децата паднати на подот во дневната соба со сериозно влошена здравствена состојба. Со возило на итна медицинска помош тие биле префрлени на Клиниката за токсикологија, каде што кај нив било констатирано присуство на бензодијазепини во зголемена концентрација, како и присуство на “карбамазепин“, “диазепам“, „нордазепам“, „циталограм“, „темапзепам“ и „парацетамол“ во крвта.

Јавниот обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави и предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор за обвинетиот.

Слични содржини