Има голема желба од самата ЕУ да помогне во процесот, а од друга страна, може да се види како ќе се опфатат сите предизвици. Според анкетата, добивме наоди според кои треба да го подобриме процесот. Повторно да ја поврземе популацијата со верувањето дека проширувањето ќе се случи и дека е опиплива вредност, изјави денеска евроамбасадорот, Михалис Рокас на денешната промоција на Анализа на јавното мислење за македонскиот процес на пристапување кон Европската Унија“, во организација на Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје (ИДСЦС) и фондацијата „Конрад Аденауер“.
Според Рокас, не само билатералните, туку треба да се справат и со поголемите предизвици на ниво на Европа. Евроамбасадорот говорел и завчерашната средба со македонскиот и бугарскиот министер за надворешни работи, Тимчо Муцунски и Георг Георгиев.
-Охрабрувачко е што сега зборуваме отворено за тоа, првите контакти меѓу двете влади се направени и постои недвосмислена желба во Европската Унија да помогне во овој процес, изјавил европскиот претставник.
Уставни измени како услов за отпочнување на преговорите со ЕУ поддржуваат 20 проценти од испитаниците во анкетата што од октомври до декември 2024 ја спровеле Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје (ИДСЦС) во соработка со Фондацијата „Конрад Аденауер“-Скопје за анализа на перцепцијата на јавноста во однос на европската интеграција. Според анализата, поддршката на граѓаните за пристапување кон Европската Унија се задржува на ниво од 62 процента. Највоздржани се најмладите и највозрасните испитаници, кај кои е констатирана поголема неопределеност. Перцепцијата за влијанието на Соединетите Американски Држави бележи значителен пад кај нашите граѓани – за 20 проценти во споредба со лани.
-Од една страна, треба да се помогне со ставање на фокус на убрзување и што е можно поскоро спроведување на неопходните реформи, така што самите граѓани ќе можат да видат кои се придобивките во реално време од самите реформи, а од друга страна политички, треба да се справиме и со поголемите предизвици кои се случуваат во Европа, подвлече Рокас.