Изминатите четири месеци сме сведоци на една неверојатна реалност во која живеат граѓаните на Република Македонија. Една реалност на поделби, на уцени, присилби, на целосно погрешна претстава за тоа што е нормално, а што не е нормално. Сведоци сме на целосно уназадување на демократските процеси. Целосно блокирање на медиумите и тенденциозно известување со цел да се манипулира јавноста. Сведоци сме на целосно блокирање на Евро перспективата на Македонија. Сведоци сме на тоа како неуспесите и загубата на човечки животи се продава како победа. Како лажните и искривоколчени вредности се наметнуваат како државно наметнат став за тоа како треба да мислиме, и во што да веруваме. Сведоци сме дека една мала група луѓе ги има окупирано јавни институции со години и со нив располага како што не се располага ниту со приватна сопственост.
Со секој изминат час се ближи крајот на таквото владеење. Се ближи крајот на системот кој го наметна СТРАВОТ да ни биде водечка општествена вредност. Се ближи крајот на тоа кое требало да се случи, за да се роди Новото Сонце на Слободата и новиот почеток за Македонија. Ги повикуваме граѓаните од сите социјални слоеви, од сите националности, од сите возрасни групи да ни се придружат и си ја побараат СЛОБОДАТА. Да се одважат и да кажат НЕ на системот на поделби, НЕ на системот на лажни вредности.
Ги повикуваме СИТЕ граѓани, Македонци, Албанци, Роми, Турци, Бошњаци, Срби, Власи, Египќани од сите краишта на Македонија на 17 мај да дојдат во Скопје. Да дојдат во огромен број и да се изборат за СЛОБОДНА МАКЕДОНИЈА!!!
Ве очекуваме,
Владимир ЛАЗАРЕВИК
ИМА ИДНИНА
Претседател
Интегрален текст
