На прагот на локалните избори , горе долу електоралните преференции на граѓаните се познати, пред се во т.н етничко- македонски политички блок. Не само анкетите, туку и компаративните бројки од минатогодишните претседателски и парламентарни избори, велат дека електоратот во Македонија е свртен на десно, па така со чест на исклучоци, се очекува голема победа на владејачката ВМРО-ДПМНЕ во најголем број на локални самоуправи низ Републиката. Кога говориме за градоначалнички позиции, треба да имаме в предвид, дека за изборот на еден градоначалник, особено во вториот круг, гласале различни преференцијални гласови на граѓани од други политички партии/опции, надвор од неговата матична, додека на советничките листи, во првиот круг се гласа, строго партиски што се вели. Така, некои ќе ги ставаат на свое конто како победа, бројот на освоените градоначалници (ВЛЕН), додека други ќе ги потенцираат освоените гласови на советничките листи (ДУИ). Во дадената ситуација, Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, воопшто не е во пол –позиција ниту да брои освоени градоначалници, ниту да се надева на поволен за нив резултат на советничките листи. Со исклучоци во некои мали Општини, низ југот или југоистокот на Македонија, евентуално во изборната единица 3 или 5, каде ќе биде најголемата победа на оваа декласирана, до завчера владејачка партија, на овие избори со кои ќе се спаси колку толку честа на опозицијата?
Историјата се повторува!
Извесната победа на актуелниот градоначалник на Општина Центар, Горан Герасимовски ќе биде бастион на опозициското јадро во главниот град, нешто слично како на локалните избори во веќе далечната 2013-та година. Да не бидат навредени граѓаните и гласачите во општини како Валандово, Дојран, Берово или Крушево, но евентуалните победи на социјалдемократите во овие многу мали општини, ја немаат ниту приближно тежината со победата во Општина Центар, прво затоа што станува збор за најурбаната општина не само во главниот град, туку во целата држава и второ концентрацијата на критичката маса и јадро, претставува потенцијал за експоненцијално ширење на опозициска енергија во годините што претстојат. Нешто што насушно им треба на СДСМ како партија. Работата и „политиката“ на Герасимовски во изминативе четири години, покажа , како со умешен и умерен пристап, може да ги кооптира интересите на сите спротиставени советнички групи, како претставници на различни политички партии/интересни групи. Бидејќи ако не функционира Советот на една локална самоуправа, тогаш, целата Општина е блокирана. Тоа Горан, прилично успешно го „бајпасираше“. Второ, во прилично средена општина, тој ги сервисираше потребите на граѓаните, со ветување на нови проекти во различни сфери на општественото живеење и изградба на нова репрезентативна општинска зграда, која ќе доликува како пристоен административен објект. Но и трето, не и последно како најневажно. Неговиот против кандидат не доаѓа од природниот „биолошки“ противник од редовите на десничарската ВМРО-ДПМНЕ, туку прокси кандидат од помалиот коалициски партнер во владејачката коалиција, партијата ЗНАМ. Не постои помизерно, подолно и пожално, кога некој сака да изигрува „поголем католик од папата“, односно поранешните социјалдемократи да изигруваат поголеми десничари од своите „големи браќа“ од ВМРО-ДПМНЕ, односно да се прават поголеми вмровци од самите вмровци. Јас знам, дека ЗНАМ, не знае што да направи со себе, откако влезе во власта и рејтингот и оди рапидно надоле, и дека тенденциите покажуваат дека ќе заврши извесно како НСДП на Тито Петковски, то ест на буништето на политичката историја, како небитен и тотален маргинален фактор на политичката сцена, но тоа не дава за право вие толку очајнички да просите вмровски, десничарски гласови. Сепак, во политиката, дури и во една наша Македонија, таква каква што е , има кај некои, чест на исклучоците секако, и морал и чест , и доблест и образ. Но не и кај нашите шампиони од не ЗНАМ, што ќе прават на наредните парламентарни избори. Веројатно ќе завршат како помал предизборен коалициски партнер на ДПМНЕ.
Конечно треба да гласаме со „ладни“ глави
Во Македонија, и на овие избори, не гледаме ништо ново, драстично поразлично од партиско-политичкото сивило, како што се изнагледавме во овие триесет и пет години повеќепартиска демократија. Меѓусебни обвинувања, за кој е поголем предавник, кој патриот, кој повеќе украл, кој бил честит и чесен и слични одвратни и долни препукувања, од кои на нормалниот , цивилизиран и чесен граѓанин му се гади. И затоа се почесто или се сели од оваа држава, или пак размислува да го стори истото. Затоа граѓаните со здрав разум, треба два пати да размислат кому му ја даваат довербата. Дали на тие политичари кои со своето однесување и поведение покажале пристојност и умереност во комуникацијата со граѓаните, јавноста, па и со политичките противници, ако сакате, или пак на тие што перманетно се служат со навреди, полуинфорации, манипулации и лаги и создаваат хистеризирана јавност која веќе не е свесна да носи здраворазумски одлуки. Мислам дека после три и пол децении од воведувањето на плурализмот , треба да научиме една лекција.
Благојче Атанасоски
Ставовите искажани во рубриката „Колумни“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на „Локално“. Одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.