Зошто турски борбени авиони го соборија рускиот ловец Су-24? Кого го напаѓал тој и како ќе влијае овој инцидент на односите на Русија со Турција и НАТО? Со овие прашања DW му ги постави на турскиот експерт Џанг Касапоглу.
Џанг Касапоглу е експерт во Центарот за студии на економијата и меѓународната политика EDAM во Истанбул. Тој е и соработник на Колеџот за одбрана на НАТО во Рим. Во својство на турски аналитичар, Касапоглу дели во интервју за Дојче веле првите заклучоци по соборувањето на рускиот ловец Су-24.
ДВ: Кои се Вашите информации за соборениот авион?
Касапоглу: Турција даде јасно да се разбере дека кога биде нарушен нејзиниот воздушен простор, нема да применува различни критериуми во зависност од националноста на авионот-натрапник. Пред околу еден месец Турција веќе соори руско беспилотно летало. Заедно со дипломатската реторика на турските власти, тоа е јасно предупредување до Русија да не го нарушува турскиот воздушен простор. Турција покажува дека следуваат тврди правила и нема да дозволи ниту на Сиријците, ниту на Русите да ги доведуваат во прашање овие правила.
ДВ: Зошто, според вас, рускиот авион летал над граничната зона?
Касапоглу: Сухој-24 се тактички бомбардери, кои се користат главно за масовни бомбардирања против копнени цели. Според мене соборениот авион ги бомбардираше туркменските сили, односно – етнички Турци, кои учествуваат во воените дејствија во Сирија со силна поддршка од Турција. Станува збор за околу 5 000 до 9 000 турскојазични борци, кои се предмет на интензивни напади од силите на Асад поддржани од од Русите и Иранците. Овој авион имал за цел да ги бомбардира токму туркменските сили, а тоа е доста критично, идејќи постои опасност од “балтизација” на јужното крило на НАТО и турскиот воздушен простор.
ДВ: Што значи тоа?
Касапоглу: Со постојани прекршувања на воздушниот простор на јужното крило на НАТО, кој го вклучува воздушниот простор на Турција, да се создаде ситуација слична со онаа на Балтичкото крило на НАТО. Таму руските нарушувања на воздушниот простор веќе се секојдневие.
Путин: Турција е помошник на терористите, ги финансира- од нив купува нафта
ДВ: Русите тврдат авионот им бил во сирискиот воздушен простор. Која е Вашата информација?
Касапоглу: Според турската процедура кога авион ќе се доближи на помалку од 12 милји на турскиот воздушен простор, анти-авионската одбрана почнува да го предупредува. Кога растојанието ќе стане пет милји, Турција ги крева своите борбени авиони F-16 и се подготвува за пресретнување, и продолжува со предупредувањата. И ако авионот кој доаѓал од Сирија, сепак влезе во турскиот воздушен простор, тогаш веќе го соборуваат. Ги имам предвид и претходните руски нарушувања, сметам дека бомбардерот Сухој-24 навистина го прекршил турскиот воздушен простор и затоа бил соборен.
ДВ: Какви последици ќе има тоа за односите меѓу Русија и Турција?
Касапоглу: Во средата рускиот министер за надворешни работи Лавров според планот треба да ја посети Турција. Првиот знак за иднината на билатералните односи ќе биде токму дали оваа посета ќе се одржи или не. (Во меѓувреме Лавров ја одби посетата во Турција ) Второ индикатор за степенот на кризата ќе биде судбината на двајцата пилоти. Ако некој од нив навистина е фатен од туркменски сили, нема да има тортура или егзекуција, бидејќи тоа не се терористи како Ал-Нусра. Најверојатно ќе има дипломатски преговори меѓу Турција и Русија. Но ако пилотите паднале во рацете на други групи, тогаш ситуацијата може многу да се искомплицира. Важно е да гледаме дали Русите ќе се решат на ескалација, дали ќе има нови нарушувања на воздушниот простор. Ако тоа се случи, ќе се зголемат тензиите не само меѓу Русија и Турција, но исто така и меѓу НАТО и Русија. Турски високи функционери дадоа многу јасно да се разбере дека во случајот е прекршен не само турскиот воздушен простор, но и воздушниот простор на НАТО.
ДВ: Ова е прв случај во кој земја од НАТО соборуваа руски воен авион. Што значи ова за односите Русија-НАТО?
Касапоглу: Слична ескалација гледаме на Источното крило на НАТО. Многу е важно, бидејќи се случува пред самитот на НАТО во Варшава догодина. И ескалација се забележува веќе не само во балтичките земји, но и по границата на една од воено најмоќните земји во НАТО. По првиот ваков инцидент претседателот Ердоган веќе предупреди дека ќе има последици доколку Русија продолжува да дејствува на тој начин. А Русија има многу добри односи со Турција, голема стокова размена, енергетска соработка. Затоа такви инциденти можат да ги сменат правилата на играта.
ДВ: По терористичките напади во Париз Русија инсистира за широка меѓународна коалиција против “Исламска држава”. Како соборувањето на авионот ќе влијае на слични планови?
Касапоглу: Ако Русите навистина сакаат да бидат дел од коалицијата против “Исламска држава”, тие ќе мора да ја променат целта на своите напади во сириската војна. Бидејќи од самиот почеток руската операција е насочена не толку против “Исламска држава”, колку против сириската опозиција. И уште: наместо да го нарушуваат воздушниот простор на НАТО, Русите треба да ги координираат своите активности во воздухот со другите учесници во коалицијата.
ДВ: Дали мислите дека во моментов Турција може да побара поддршка од НАТО?
Касапоглу: Најверојатно. Според мене не станува збор да се активира член 5 од Северноатлантскиот договор (нападот врз една земја се смета за напад врз сите), Но член 4 во сите случаи е применлив. Односно – итни консултации, кога настанала сериозна опасност за безбедноста и одбраната на НАТО.

