Имам многу што да кажам за психотропните супстанци на одредени лица и за лесно заработените пари, вели Шилегов

Екс-функционерот со кратка изјава по веста дека СДСМ донесе одлука да го исклучи од своите редови

од Nikola Popovski
20 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб/Телма Тв

По вчерашното исклучување од страна на СДСМ, екс-функционерот Петре Шилегов за денеска најави дека ќе даде свој коментар. Вчера, како што рече во емисија во живо, не сака да го користи денот за политички изјави со оглед на годишнината од големата трагедија во кочанската дискотека и 63-те жртви.

-Не би сакал денешниот ден кој што е сериозен трагичен ден за Македонија. Утре ќе го имам коментарот. Од должна почит кон луѓето кои ги загубија животите и семејствата, не мислам дека моментот е политички. Имам многу што да кажам за психотропните супстанци на одредени лица и за парите што така лесно ги имаат заработено во изминатиот период, кажа екс-градоначалникот на Скопје од Кочани.

Шилегов оваа вест ја дочека додека гостуваше на „4ТВ“, каде зборуваше во својство на бранител на еден од обвинетите во судењето за пожарот во дискотеката.

Извршниот одбор на опозицискиот СДСМ синоќа донесе одлука да иницира постапка за исклучување на Шилегов, од членството на партијата.

Ова следи откако тој завчера во гостување на „Тема на денот“ на ТВ Сител најави дека наскоро поголема група социјалдемократи ќе побара оставка од актуелното раководство, односно дека ќе излезат со одредена платформа која ќе побара сериозни реформи внатре во партијата.