„Фактите говорат дека од октомври, кога го имавме пикот на инфлацијата од 19,8 отсто, трендот е на намалување поради мерките, но и геполитичките случувања. Последниот месец имавме инфлација од 11,3 отсто. Овој тренд на намалување на инфлацијата е помал во еврозоната, затоа е оптимизмот дека наскоро ќе стигнеме до едноцифрена инфлација, што укажува враќање во нормала“ рече вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи во изјава за МТВ.
Тој додаде дека Владата е внимателна бидејќи сепак инфлацијата е главно предизвикана од надворешни фактори како што се енергетската криза и војната во Украина.
Во врска со растот на платите, вицепремиерот Битиќи рече дека главна причина за тоа е што со години државата беше ставана на рамниште со Кина и Индонезија и беше промовирана како држава со евтина работна сила.
„Последицата на таквата политика е ова што се случува денес. Стапката на раст на платите и платите кои се даваат и во јавниот и во приватниот сектор се далеку од реалната потреба на граѓаните. Но за еден ден не може да се промени тоа“ рече Битиќи.
Вицепремиерот додаде дека во последните шест години е направено многу за достоинствено плаќање на граѓаните.