По Договорот од Преспа и членството во НАТО, а потоа и отпочнувањето на преговорите со ЕУ, ланската година, Република Северна Македонија бележи историски рекордна вредност на странски директни инвестиции во износ од 753,8 милиони евра, истакна во обраќањето премиерот Димитар Ковачевски на сесијата „Договорот од Преспа за пет години: предизвиците претворени во можности“, во рамки на „Преспа форум дијалог“.
– Ова придонесе до историско намалување на невработеноста, до најголеми покачувања на платите и пензиите досега, до нови и добро платени работни места. Или, ако погледнеме на билатерален план, Северена Македонија доби во Грција еден од најгласните поддржувачи на европските перспективи. Долгогодишниот мраз кој се чинеше нестоплив е скршен – дури напротив, македонско – грчките односи одат во нагорна линија и довербата меѓу државите е најголема досега, рече Ковачевски.
Премиерот посочи дека конкретен доказ е соработката во областа на енергетиката.
-Процедурите се во тек и до крајот на годината започнува изградба на нов гасовод меѓу Северна Македонија и Грција, што ќе биде поврзан со новиот терминал во Александруполи, Грција. Сакам да порачам дека успехот не е во тоа да се стави крај на предизвиците – во регионот, во Европа, во светот. Тоа е нереално очеквање, бидејки предизвици постоеле, постојат и ќе постојат, затоа што на нив е поставен развојот. Успехот е во тоа да се умее предизвиците да се претворат во можности и да се продолжи по патот напред, истакна Ковачевски.