Имамоглу сменет од градоначалничката функција

од Nikola Popovski
55 прегледи

Турското Министерство за внатрешни работи денеска соопшти дека градоначалникот на Истанбул Екрем Имамоглу е сменет од функцијата откако турскиот суд официјално го уапси под обвинение за корупција.

Градскиот совет на Истанбул, каде што главната опозициска Републиканска народна партија (CHP) има мнозинство, се очекува да избере вршител на должноста градоначалник во наредните денови, по разрешувањето на Имамоглу, објави Ројтерс.

Имамоглу е клучна опозициска фигура и потенцијален противник на претседателските избори на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.

Тој беше приведен во средата под обвинение за корупција и помагање на терористичка група, но ги негираше обвиненијата, нарекувајќи ги „незамислива клевета“.

Турската влада негираше какво било влијание врз апсењето на Имамоглу, наведувајќи дека судството е независно.

Турскиот претседател, кој владее со земјата повеќе од 22 години, во саботата ја обвини партијата на Имамоглу дека се обидува да ја „провоцира нацијата“ и рече дека нема да толерира вандализам.

Имамоглу (54), кој според некои анкети имаше поголема поддршка од јавноста од Ердоган, требаше да биде именуван за официјален кандидат на „CHP“ на претстојните претседателски избори.

Слични содржини