Навечер танцувате во клубот, наутро се будите со „прекинат“ филм: како жртвите на нокаут, неколку часа од животот ви се матни. За тоа време често се случуваат трауматични работи: грабеж, сексуална злоупотреба се до силување“, пишува во написот во германскиот „Аптекарски преглед“ објавен на крајот на јуни.
Во првите денови од јули, супстанцијата, која исто така се нарекува „течна екстаза“ или „дрога за силување“, се најде во центарот на вниманието бидејќи девет жени имале соодветни симптоми по забава на владејачките социјалдемократи во Германија во Берлин (6 јули), на која присуствуваше и канцеларот Олаф Шолц, пишува „Дојче веле“ (ДВ).
Токсиколошките наоди кај жртвите се уште не се завршени, но е отворена истрага за нанесување тешка телесна повреда со подметнување материја. Ниту полицијата ниту СПД немаат индикации дека некоја жена била сексуално нападната или дека имало кражба.
Целосен „блекаут“
– Колешките ми рекоа дека сè уште сум била комуникативна, и дека ми се вртело, но не можам да се сетам на тоа, ми недостига половина час меморија за време на која имав целосен „блекаут“- изјави една од засегнатите жени за агенцијата Дпа.
Нејзините колешки го повикале нејзиниот сопруг, кој со такси ја однел дома. Следниот ден отишла во болница кога слушнала дека не е единствената на која ѝ било лошо.
Таа жена, која побара да остане анонимна, се сомнева дека капките ѝ биле подметнати во пијалокот. Таа вели дека пиела вода и вино на прославата.
Како што пренесува „Аптекарски преглед“, нема веродостојни податоци колку често „нокаут капките“ се мешаат во пијалоци. Една од причините е што жртвите често не знаат што ги погодило или мислат дека испиле премногу.
Доколку се надмине дозата, капките делуваат како силна наркоза, може да доведат до губење на свеста или дури и до смрт.
Како нокаут-капки најчесто се користи гама-хидроксибутерна киселина, која не е достапна во аптеките во Германија и многу други земји. Од друга страна, можно е да се користи и гама-бутиролактон, кој исто така се користи во некои средства за чистење.