Името на Данило Коцевски е едно од предлозите на Листата на имиња на улици, тврдат од Град Скопје

од Nikola Popovski
267 прегледи

Град Скопје реагира на написите во медиумите кои го пренесуваат ставот на Огнен Коцевски, околу наводното недоволно почитување на ликот и делото на неговиот татко, Данило Коцевски.

„Сакаме да ја информираме јавноста дека името на Данило Коцевски е едно од имињата предложени во Листа за дополнување на Листата на имиња на улици, плоштади, мостови и на други инфраструктурни објекти на подрачјето на град Скопје, која ќе се најде пред Советот на Град Скопје на наредната седница. Имено, името на Данило Коцевски, книжевен критичар, раскажувач, романописец, драматург, поет и хроничар на Скопје, е дел од новата листа на предложени имиња (страница 46, реден број 250 – https://skopje.gov.mk/media/6522/spisok-na-ulici.pdf?fbclid=IwAR32-dC-WKS_tu3WIU5JUJymOp17baBlbw2trFHC9B8nqf5nbGNM7aIvqL4)“, велат од Градот.

Понатаму во реакцијата се вели дека, Градот Скопје отсекогаш го ценел придонесот на Коцевски како хроничар на Скопје, а тоа се гледа во поддршката на повеќе негови проекти во минатото, како и долгогодишната соработка во организирањето на свеченостите по повод 13 Ноември – Денот на ослободување на Скопје.

„Тој во 2008 година е избран за член на Одборот за одбележување на 45-годишнината од катастрофалниот земјотрес во Скопје на 26 јули 1963 година, под мотото „Скопје – 45 години град на солидарноста“, додека во 2010 година Коцевски е и именуван за член на Одборот за доделување на Наградата „13 Ноември“ на Град Скопје“, стои во реакцијата.

На седницата што ќе се одржи во вторник, наредната недела, Советот на Град Скопје ќе расправа за дополнување на регистарот на имиња на улици, плоштади, мостови и на други инфраструктурни објекти на подрачјето на Град Скопје со нови 571 предлог.

Слични содржини