Многу е веројатно дека 2025 година ќе биде последната трка од Формула 1 што ќе се одржи на италијанската патека Имола. Италија моментално е домаќин на две трки – во Имола и Монца – а извршниот директор на Формула 1, Стефано Доменикали, јасно стави до знаење дека на неговите сонародници ќе им остане само една трка во светското првенство.
Но, во Емилија-Ромања, каде што се наоѓа патеката Имола, или Енцо и Дино Ферари, како што официјално се нарекува, се подготвени да се борат за да ја задржат патеката во календарот на Формула 1.
„Не станува збор за буџет, тоа не е проблем“, рече претседателката на Емилија-Ромања, Мишел де Паскале, на презентацијата на претстојното натпреварување.
„Имаме сериозен интерес „Имола“ да остане во Формула 1, преговорите се водат веќе некое време. Според нас, фактот дека има трка во „Монца“ не ја спречува „Имола“ да биде во Формула 1“, додаде претставникот на Автомобилскиот клуб на Италија, Тулио дел Сете.
Градоначалникот на Имола, Марко Паниери, објасни дека оваа година ќе има повеќе гледачи на трибините на патеката, бидејќи нивниот капацитет е зголемен на 92.500 гледачи, а продажбата на билети оди добро.
„Неодамна ја реновиравме железничката станица Имола, со дополнителни 17 возови што сообраќаат за викендот на трката. Минатата година, во недела, 27.000 од вкупно над 90.000 гледачи пристигнаа со воз“, објасни градоначалникот.