Инцидент во Собранието на Србија: Екипа на „Информер“ го провоцираше Пицула

Европратеници, меѓу кои и специјалниот известувач на Европскиот парламент за Србија, Тонино Пицула, денеска го посетија Собранието на Србија.

од desk4
24 прегледи

Тие остварија средби со пратеници од владејачката Српска напредна странка (СНС), како и одделни средби со претставници на опозицијата. Делегацијата ја посети и изложбата за Јасеновац, а целта на посетата беше да се процени состојбата со демократијата во Србија, објави порталот „Нова.рс“.

Според наводите, токму денеска новинарска екипа на режимскиот таблоид „Информер“ добила пристап до дел од зградата на Собранието во кој медиумите вообичаено немаат дозвола за влез.

 

За случајот на социјалната мрежа X информираше пратеникот од партијата СРЦЕ, Стефан Јањиќ, кој тврди дека целта била провоцирање на пратениците. Според него, припадникот на обезбедувањето Мирослав Планојевиќ ѝ овозможил пристап на екипата на „Информер“ во забранет дел од објектот, повикувајќи се на одобрение од секретарот на Собранието, при што пристапот бил дозволен исклучиво за овој медиум.

Непријатна сцена во ходниците

Во ходниците на Собранието бил забележан непријатен инцидент, кога новинарите на „Информер“ се соочиле со Тонино Пицула и опозицискиот политичар Здравко Понош. Новинарската екипа настапила наметливо, снимајќи ги политичарите одблиску и поставувајќи провокативни прашања.

Кога Пицула бил прашан дали смета дека убиството и прогонството на Срби е легитимно право, тој останал смирен и целосно ја игнорирал провокацијата. Потоа, новинарите му се обратиле на Понош со прашањето дали за него е нормално да разговара со некој што учествувал во прогон и убиства на Срби.

Понош возвратил: „Не разговарам со вас, тоа е многу поненормално“, додавајќи дека тие, според него, не се српски медиум, па дури и дека воопшто не се медиум.