Инцидентот не е забележан ниту создаден од лицата кои се организатори на митингот, велат од ВМРО-ДПМНЕ за нападот на новинарската екипа

од Nikola Popovski
194 прегледи

ВМРО-ДПМНЕ го осудува секое спречување на медиумите во нивната работа, со физичко или вербално спречување или заплашување на новинарски екипи. Посочениот инцидент не е забележан ниту создаден од лицата кои се организатори на илјадниот митинг, велат од најголемата опозициска партија откако беше објавено во јавноста дека на вчерашниот партиски собир пред Владата дошло до напад на новинарска екипа.

Од партијата на Христијан Мицкоски жалат за навредите кон новинарската екипа на ТВ 24 Вести и го осудуваат однесувањето на поединецот којшто упатил навреди.

-Истовремено, укажуваме и на атмосферата во која власта, СДС и Ковачевски започнаа хајка против медиуми, и оттука и на можноста за уфрлени провокатори за предизвикување на инцидент на првиот народен собир на ВМРО-ДПМНЕ со импозантна посетеност. ВМРО-ДПМНЕ останува на линија на одбрана на професионалните медиумски стандарди и во заштита на медиумските работници во интерес на вистината, на јавноста и во интерес на напредувањето на Македонија, истакнуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) го осуди синоќешниот немил настан. Побараа од ВМРО-ДПМНЕ како и до останатите учесници во изборната кампања, да го осудат нападот кон колегите од ТВ 24 и вакви инциденти да не се повторуваат.

-Според изјавата од колегите на ТВ 24, за време на синоќешниот прв партиски митинг на опозициската партија ВМРО ДПМНЕ пред владата во Скопје, од страна на агресивно лице имало непријатен инцидент кој ја загрозил безбедноста на колешката Дамјановска и снимателот на ТВ 24. Лицето најпрво започнало да ја навредува и омаловажува телевизиската екипа упатувајќи погрдни зборови и пцовки општо за сите новинари, а потоа ова ескалирало и со закани кон нив со што предизвикал чувство на страв и несигурност, соопштија од ЗНМ.

Слични содржини