Повеќе илјади студенти, уметници и писатели денеска протестираа во индиската престолнина Њу Делхи и североисточната држава Асам поради новиот закон за државјанство, воведен од Владата.
Во Гаухати, главниот град на Асам, демонстрантите пееле патриотски песни повикувајќи на единство, цртале на платно и изработувале скулптури.
Протестот е организиран од студентското здружение Ал Асам, Здружението на уметници Гаухати и уметничката организација Сару Кала Паришад.
Откако пред две недели е усвоен законот за државјанство, избија масовни протести ширум земјата, најголеми во Утар Прадеш, Карнатака и Асам, при што загинаа 23 лица.
Индискиот премиер Нарендра Моди го бранеше законот нарекувајќи го „хуманитарен гест“ кон бегалците во Индија, додека критичарите сметаат дека тој е дискриминаторски во однос на муслиманите.