Индонезија планира сексот надвор од брак да го прогласи за кривично дело

од Stefanija Kuzmanovska
200 прегледи

Овој месец, индонезиските парламентарци најверојатно ќе усвојат нов кривичен закон според кој сексот надвор од бракот ќе биде кривично дело казниво до една година затвор, потврди заменик министерот за правда на земјата.

Законот, доколку биде усвоен, ќе важи како за индонезиските државјани така и за странците, пренесува „Ројтерс“.

Законската реформа ќе забрани заеднички живот на две лица кои не се во брак и не се роднински поврзани.

Казниво ќе биде и навреда на претседателот или државните институции и искажување ставови што се спротивни на државната идеологија на Индонезија.

Противниците на новиот закон изразуваат загриженост за штетата што правилата можат да ја направат на имиџот на Индонезија како дестинација за одмор и инвестиции.

Десетици илјади луѓе демонстрираа против низа законски одредби, особено оние кои го регулираат моралот и слободата на говорот, за кои велат дека ќе ги ограничат граѓанските слободи.

Заменик-министерот за правда на Индонезија, Едвард Омар Шариф Хиариеи, изјави за „Ројтерс“ дека новиот кривичен закон се очекува да биде усвоен на 15 декември.

Нацрт-законот има поддршка од некои исламски групи, но противниците истакнуваат дека документот ги загрозува либералните реформи донесени по падот на авторитарниот лидер Сухарто во 1998 година.

Слични содржини