Светската фудбалска организација (ФИФА) ќе помогне во финансирањето на агенции за за борба против корупцијата во спортот, изјави претседателот на ФИФА, Џани Инфантино.
Како што потсетува АП, за создавање на агенција слична на анти-допинг агенцијата (ВАДА) која би се занимавала со корупција во спортот, местење на натпревари и влијанието на организираниот криминал се дискутира повеќе од една деценија, но досега не е доставен конкретен предлог.
„Ние во ФИФА сме подготвени да инвестираме во тоа … Можеби создавањето таква агенција би помогнало да се направи спортот безбеден во следните децении“, рече Инфантино на собирот на ОН во Австрија во понеделникот.
Инфантино го поддржа формирањето на новата агенција за време на потпишувањето на договорот за соработка со Канцеларијата на ОН за борба против дрога и криминал, со седиште во Виена.
На собирот зборуваа и дипломати од Русија и Катар, земјите што ја освоија организацијата на Светските првенства во 2018 и 2022 година, а ФИФА побара од швајцарските власти да ја испитаат организацијата на Светското првенство во 2010 година.
Во исто време со овој собир, според АП, започна судењето на тројца обвинети во Швајцарија, вклучувајќи го Насер ал-Келафи, фудбалски и телевизиски функционер од Катар и поранешниот генерален секретар на ФИФА, Џером Валке.
Судскиот процес е резултат на долготрајната истрага на Америка и Швајцарија за корупција во фудбалот, што доведе до смена на цела генерација претставници на ФИФА и избор на Инфантино на нејзино чело во 2016 година, пренесе АП.
Пресудите сè уште не се донесени, иако е поведена кривична постапка против претходникот на Инфантино, Сеп Блатер и поранешниот претседател на Европската фудбалска организација (УЕФА), Мишел Платини, поради наводна проневера на средства од средствата на ФИФА.
„Никогаш повторно. Корупцијата во фудбалот никогаш повеќе нема да се повтори“, рече Инфантино, кој е под истрага во Швајцарија за средба со државниот обвинител Мишел Лобер, кој поднесе оставка пред неколку недели, бидејќи не направил запис за тој состанок.