Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, деновиве се наоѓа во Лос Анџелес, каде што учествуваше на панел дискусија, на која одговараше на прашања за условите на работниците кои работат во Катар во подготовките за Светското првенство.
Имено, британски „Гардијан“ прв ја пренесе приказната дека во Катар за време на изградбата на стадиони загинале над 6.000 луѓе, кои дошле како сезонски работници од други сиромашни азиски земји. Приказната потоа ја разработија и други медиуми, прашувајќи се во какви услови работат овие луѓе и кој тоа го дозволува во 21 век. Сепак, Инфантино има поинаков поглед на ситуацијата.
„Се заборава дека тоа се тешки физички работи. Меѓутоа, кога на некого му давате работа, без оглед на условите, му давате достоинство и гордост. Тоа не е милост. Никому ништо не сте дале и рекле: „Еве, ви го давам ова за да се чувствувам добро, не“, рекол Инфантино.
Швајцарецот посочил дека за толкав број загинати слушнал само во медиумите, а од вработените само за неколку случаи.
„Слушнав за само неколку мртви. Не знам зошто се напаѓа ФИФА, ние не сме светска полиција да се занимаваме со овие работи. Сепак, благодарение на ФИФА, 1.500.000 луѓе добија деловен ангажман околу подготовката на Светското првенство во Катар“, изјави Инфантино.
Светското првенство во Катар ќе се одржи од 21 ноември до 18 декември годинава.