Клиниката за инфективни болести денеска информира дека обезбеден е лекот Рибаривин за конго-кримска хеморагична треска. Велат дека многу ретко се наоѓа и го има само во земји во кои има голем број на разболени пациенти. Инфективната клиника сепак во соработка со Светската здравствена организација и Лекари без граници успеала за многу кратко време да добие количина на лекот.
За заразената болничарка која работи на клиниката, од здравствената установа велат дека е стабилна со повремено покачена температура и без други симптоми на болест. Исто така наведуваат дека се следи нејзината состојба. Засега нема потреба да ѝ биде даден набавениот лек.
Во соопштението на Инфективната клиника пишува дека по појавата на првиот случај во државава после неколку децении, сите здравствени институции во државата реагираа навремено и координирано.
27-годишната жена од штипско беше првиот случај во земјава кој почина од конго-кримска хеморагична треска откако крлеж и ја пренел заразата кој на нејзиното тело бил закачен еден час. По потврдување на случајот, надлежните здравствени институции постапија согласно препораките на СЗО.
Директорката на Државен санитарен и здравствен инспекторат, Рената Младеновска вчера информира дека 11 лица ќе бидат под 14-дневен здравствен надзор по контакт со заразената болничарка со конго-кримска хеморагична треска.
Кримско-конгонската хеморагична треска вклучува болки во мускулите, вртоглавица, чувствителност на светлина и главоболка. Може да доведе до откажување на органите и внатрешно крварење.
Од мај хеморагичната треска е една од „деветте приоритетни болести“ на Светската здравствена организација.