Инфлацијата во Македонија во мај се искачи на 3,3%, најмногу поради порастот на цените на храната, откако завршија мерките за ограничување на цените. Ова го соопшти Извршниот одбор на Народната банка по првиот состанок со новиот гувернер Трајко Славески.
Иако цените на енергенсите продолжуваат да паѓаат, и некои други, помалку променливи цени се стабилизираат, инфлацијата сè уште е малку повисока од очекуваното. Според Народната банка, ова покажува дека и натаму има притисоци врз цените, а ризиците остануваат – како поради глобалната нестабилност, така и поради внатрешни фактори што влијаат на домашната побарувачка.
Во однос на економската активност, во првиот квартал од годинава забележан е раст од 3%, што е во линија со претходните квартали. Сепак, дали економијата ќе продолжи со истото темпо зависи од надворешните влијанија, но и од тоа колку брзо ќе се реализираат големите инфраструктурни проекти во земјава.
Политичките реакции не изостанаа. Од опозициската СДСМ остро реагираат и тврдат дека Владата води погрешни економски политики, нарекувајќи ги „тотален дебакл“. Според нив, инфлацијата директно го поткопува животниот стандард, а растот од 3% не го следи реалниот напредок на граѓаните.
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ пак одговара дека економијата се движи во вистинска насока, и дека по наследената тешка состојба, сегашниот раст е солидна основа за понатамошен напредок. Тие уверуваат дека Владата работи на мерки со кои ќе се достигне проектираниот раст на БДП од 3,7% годинава, со амбиција во следните години растот да надмине 4%.
На седницата, Извршниот одбор на Народната банка предложи каматната стапка за благајничките записи да остане на исто ниво – 5,35%, како дел од напорите за одржување на стабилен денар и ценовна стабилност. Каматите за краткорочни депозити ќе се задржат меѓу 3,95 и 4%. Конечната одлука за овие предлози ќе ја донесе Советот на Народната банка, кој треба да заседава следната недела.