Нема да продолжи мерката за замрзнување на цените на овошјето и зеленчукот. Ова денеска го истакна министерот за економија, Крешник Бектеши во пресрет на крајниот рок на мерката која завршува на 31-ви мај.
-Нема да продолжи мерката во делот на земјоделските производи имајќи во предвид дека согласно податоците кои ги имаме како Министерство за економија повеќето од производите се и пониско од нивото на замрзнување кое сме го имале претходно. Ако во случај од денот кога нема да важи таа одлука има злоупотреба од страна на трговците, ние на дневна база ја следиме ситуација и секако дека ќе следат различни мерки. Многу важно е да наведе фактот дека инфлацијата нагло се намалува во Македонија, посебно во делот на прехранбените производи, кажа Бектеши и рече дека очекува во јуни да имаме пониска инфлација од 10%.
Во делот на различни мерки, Бектеши вели дека прават анализи и секогаш може да се усвојат, доколку е потребно.
Со владина одлука од 5 април се замрзнаа цените на 11 видови овошје и зеленчук во земјата. Со одлуката се опфатени доматите, краставиците, кромидот, карфиолот, пиперот, гравот, леќата, бананите, портокалите, мандарините и лимонот.