Инфлацијата во Италија во октомври 12,8%, највисока од 1996 година

од Vladimir Zorba
269 прегледи

Италијанската инфлација достигна ново рекордно ниво во октомври, нагласувајќи ги економските предизвици со кои се соочи премиерката Џорџа Мелони и зголемувајќи ги ризиците од натамошно зголемување на стапката на инфлација во еврозоната како целина.

Според Хармонизираниот индекс на потрошувачките цени на Европската унија, инфлацијата во Италија според прелиминарната проценка скокна од 9,4 отсто во септември на 12,8 отсто во октомври на годишна основа, што е највисоко ниво од 1996 година, од кога се води евиденција, објави статистичкиот институт ИСТАТ.

Овој показател е далеку повисок од очекувањата за стапка од 9,9 отсто предвидени од економистите во анкетата на Ројтерс.

Цените на енергијата се зголемија на годишна основа за 73,2 отсто во октомври од 44,5 отсто претходниот месец, се наведува во извештајот на ИСТАТ, додека базичната инфлација, која ги исклучува цените на енергијата и свежата храна, порасна на 5,7 отсто од 5,3 отсто.

„Инфлацијата на ова ниво е еден од големите економски проблеми за новата влада, која има ограничени ресурси за нивно решавање поради огромниот јавен долг“, вели Лоренцо Кодоњо.

Според неговото мислење, Мелони треба да ја насочи државната помош кон сиромашните семејства, а не кон општата популација, преку директно плаќање на дел од нивните сметки за енергија, што ќе им го олесни финансискиот товар, како и преку намалување на цените, пренесе Танјуг.

Слични содржини