Иницијативата „Кој е следен“ реагираше откако снимка на која се гледа како македонски студенти се консултираат со српски студенти, а се зборува за протести, се рашири на социјалните медиуми и дел од порталите. Оттаму велат дека станува збор за видео со монтирано лого и без никаква реална поврзаност со нивното движење.
Од „Кој е следен“ се децидни дека не се дел од никакви студентски организации, разговори или повици за нивно формирање.
-Во видеото, името „Кој е следен?“ не се споменува ниту еднаш. Нашето лого е неовластено, аматерски и намерно вметнато – што укажува на тенденциозна манипулација. „Кој е следен?“ е граѓанска иницијатива. Немаме, ниту ќе имаме, политичка агенда или амбиција да учествуваме во партиски игри. Нашиот револт е автентичен израз на борба за правда, одговорност и достоинствен живот, а не алатка за политички поени. Јавно ги осудуваме сите обиди за партизација на нашата борба и повикуваме на прекин на медиумските спинови. Притисоците од лажни профили, пропагандни медиуми и параполициски структури само ја зајакнуваат нашата волја. Нема да молчиме. Нема да дозволиме да се угуши младиот, независен и слободен глас. Нема да дозволиме елитите да продолжат да нè газат, стои во соопштението во кое се додава дека утрешниот собир ќе се одржи во 18:59 часот на плоштадот „Македонија“.
Граѓанско движење бара објавување на целата документација за работењето на клубот „Пулс“ со којашто располагаат Државниот пазарен инспекторат, Министерство за економија, Градежниот и Инспекторатот за урбанизам, МВР, Општина Кочани, Дирекцијата за заштита и спасување и Управата за јавни приходи.
Оттаму велат дека одговорност треба да има и за сите кои се поврзани со пожарот во модуларната болница, за случајот „Онкологија“, автобуските несреќи со Дурмо Турс и Беса Транс.