Иницијатива за вонреден конгрес: Без силно и обединето ВМРО-ДПМНЕ не можеме да се надеваме на силна и обединета Македонија

од Vladimir Zorba
195 прегледи

„Без силно и обединето ВМРО-ДПМНЕ не можеме да се надеваме на силна и обединета Македонија. Без разлика дали станува збор за власт или опозиција, секогаш кога ВМРО-ДПМНЕ не е на висина на името кое го носи и застранува, тоа се одразува на државата“, соопштија денеска на прес-конференција од Иницијативниот одбор за одржување на вонреден конгрес на ВМРО-ДПМНЕ за смена на Христијан Мицкоски, каде го промовираа своето мото „Сплотени во победа”.

„Затоа на ВМРО-ДПМНЕ му треба будење и консолидирање. На ВМРО-ДПМНЕ му треба соочување со грешките и со реалноста. На ВМРО-ДПМНЕ му треба нова енергија која ќе го поведе во нови победи. Нема искрен и чесен член на ВМРО-ДПМНЕ кој не е загрижен за случувањата во партијата. Нема член кој не се прашува во кој правец се движи партијата“, изјави Борче Стамов, поранешниот градоначалник на Дојран.

„За парламентарните раководството не убедуваше дека победата ќе биде убедлива со повеќе од десет пратеници разлика. Видовме дека тоа беа пусти лаги и наместо победа, доживеавме уште еден пораз. Беше ветувано дека ВМРО-ДПМНЕ ќе состави влада и дека ќе ја води државата, но и тоа се испостави дека се празни зборови за да се смири членството. Изминативе шест месеци се ветува ново мнозинство, а СДСМ останува на власт, додека граѓаните и државата влегуваат од една во друга криза“, вели Стамов.