Иницијатива за забрана за пластичните кеси: Се залагаме за целосна забрана на пластиката за еднократна употреба

од Vladimir Zorba
610 прегледи

Податоците за генериран отпад во државава се застрашувачки. Количините од година во година растат а ваквиот тренд ќе продолжи, велат од Иницијативата за забрана на пластичните кеси во разговор за „Локално“. Според информациите со кои располагаат, во 2019 г. во Македонија биле произведени 5000 тони вреќи и кеси или 150 % повеќе од 2009-тата а годишно во земјава се користат половина милијарда пластични кеси.

Затоа од особена важност е да се превенира создавањето на отпадот, а кога станува збор за кесите и пластиката, тоа може да се постигне единствено преку забрана. Фокусирани сме, овојпат, забраната да биде доследна, вклучително и на кесите од оксоразградлива пластика, коишто со години циркулираат во промет неосновано етикетирани како „биоразградливи“”.

Нагласуваат дека новата цена на кесите од 15 денари која ќе се применува од 1 декември,не е насочена кон дополнително загрозување на скромниот стандард на граѓаните, туку кон живеење во поздрава и почиста околина.

Ослободувањето од ѓубрето создадено од пластичните кеси може да се види брзо, ако законот профункционира и ако се самоорганизираат луѓето со акции за чистење. Ако тоа помасовно се направи, следната пролет може да биде значително позелена од досегашните”, велат тие.

Неприфатливо според нив е, Македонија да заостанува зад европските регулативи со кои во ЕУ се забранува употребата на 10 најкористени еднократни пластики и оксоразградливите пластични кеси.

„Не смее да се дозволи луксузот оксоразгградливите пластични кеси и понатаму да останат во прометот кај нас. Здравјето на граѓаните не смее да биде предмет на компромис и не постои друго одржливо решение за еднократната пластика, освен нејзино некористење, децидни се од Иницијативата за забрана за платични кеси.

Со оглед на навиките на граѓаните купената стока да ја ставаат во кеси,да фрлаат ѓубре во пластични кеси, и тоа кој каде ќе стигне, повеќе од јасно е дека Македонија нема брзо да се ослободи од штетната пластика. Какви поместувања во позитивна насока очекувате да донесат најновите измени на Законот за управување со отпад?

-Голем дел од граѓаните се свесни за штетните последици од пластиката и пластичниот отпад, се трудат уредно да го одложат, да селектираат… но ретко кој обрнува внимание на количината на ѓубре што ја создава. Податоците за генериран отпад во државава се застрашувачки, бројки што од година во година континуирано растат, а предвидувањата се дека таквиот тренд ќе продолжи. Затоа, од особена важност е да се превенира создавањето на отпадот, а кога станува збор за кесите и пластиката, тоа може да се постигне единствено преку забрана.

Но, кај нас веќе има законска забрана на пластични кеси, уште од 2012 г., а новиот закон скоро и да не предвидува забрана на останатата еднократна пластика. Според ова, за позитивно поместување може да се смета доколку, овојпат, сите сектори бидат опфатени со забраната на пластични кеси и доколку се усвојат стандарди за вистинска биоразградливост на кесите што ќе останат во промет.

Дали граѓаните можат без кеси? Што е клучно за да се демотивираат од нивно користење, висока цена  или целосна забрана?

-Се може без пластични кеси! – така гласи и нашето мото. Се’ што е потребно е граѓаните да сфатат дека мерките не се насочени за дополнително да го загрозат нивниот и онака скромен стандард, туку кон општо подобрување на квалитетот на живот што подразбира живеење во поздрава и почиста околина. Да се навратат на не толку дамнешните, но подзаборавени практики. Има доволно соодветни реупотребливи алтернативи на пластичните кеси, како платнени торби, сламени кошници и сл. Нели, луѓето пазареле и си го носеле дома купеното уште пред појавата на пластиката? Зголемената цена е само придружна мерка кон забраната.

Зошто по примерот на европските земји , и кај нас целосно не се забрани употребата на секаков вид кеси и пластична амбалажа?

-Неприфатливо е Македонија, како земја кандидат за членство во ЕУ, толку да заостанува зад европските регулативи. На земјите членки на Унијата, оставено е сами да одлучат какви мерки ќе спроведат за минимизирање на употребата на пластични кеси. Но, за сите без исклучок, веќе од 3 јули годинава, покрај забрана на 10 најкористени видови еднoкратна пластика, важи забрана и на целата оксоразградлива пластика – од причина што е посебно штетна за природата и живиот свет. Овде не станува збор за цена или за количина, едноставно не смее да се дозволи луксузот оксоразградливите пластични кеси и понатаму да останат во промет кај нас.

Измените предвидуваат трговците да водат евиденција за продадените кеси а надоместокот да се уплатува на посебна сметка. Колку е оправдана ваквата обврска? Што ќе значи  новата цена на кесите за нив?

-Граѓаните треба постојано да имаат предвид дека секоја пластична кеса нанесува штета врз околината, без разлика дали е фрлена каде било или во контејнер. Оттука, има суштинска потреба да се поправи штетата што е направена досега, а и во иднина. Дури и ако успееме од декември да има само навистина биоразградливи кеси, постои штета врз природата која веќе е нанесена. Оттука, тоа што парите што ќе се користат за купување на кеси ќе завршуваат на посебна сметка на Министерството за животна средина е начелно добро решение, но мора да има гаранции и отчетност тие средства навистина да се користат за заштита на животната средина и борба против загадувањето од пластика, а не да се пренаменуваат за други цели.

Доколку во пракса профункционира ваквото решение, кога според вас ќе можат да се видат ефектите?

-Ослободувањето од ѓубрето создадено од пластични кеси може да го видиме доста брзо, ако профункционира законот и ако се самоорганизираат луѓето. Бидејќи биоразградливите кеси ќе се продаваат по 15 денари, тоа ќе го дестимулира не само нивното купување, туку и фрлање каде што ќе се стигне. Градовите можат многу брзо да бидат ослободени од овој вид на ѓубре. Што се однесува до останатата природа, се надеваме дека повеќе луѓе ќе се самоорганизираат и ќе спроведуваат акции на чистење. Ако тоа помасовно се направи, следната пролет може да биде значително позелена од досегашните.

Дали можеби некогаш, за неколку години ќе успееме да ги видиме Вардар, Шапка, Водно… без пластични кеси или шишиња?

-Тоа во голема мера ќе зависи и од нас – потрошувачите. Мораме да развиеме свесност за реупотреба. Да се ослободиме од стегите на консумеризмот и постојаното прибегнување кон комотен начин на живот зависен од практичност. Ние сме неделив дел од природата, од оваа планета којашто е просторно ограничена и веќе исцрпена. Како таква, не заслужува да биде место за фрлање на секакво ѓубре, ниту пак сунѓер што би ги апсорбирал штетните нус-продукти од распаѓањето на пластиката.

Очигледно се продолжува со праксата Македонија да заостанува зад европската регулатива бидејќи нашиот Закон предвидува забрана за употреба на пластична амбалажа во угостителски објекти за една употреба но само во заштитени подрачја. Зошто вакво половично ограничување? Со оглед на количината смет која ја има на секој чекор, зарем не треба цела држава треба да влезе во категоријата заштитено подрачје?

-Нормално дека треба! Всушност, до Собраниската комисија уредно беше доставен предлог забраната за еднократна амбалажа да се прошири и да важи на целата држава, но тој беше одбиен. Крајно неодговорно е што властите се однесуваат како Македонија да е оаза изолирана од Европа, од светот… како климатска криза да не допира до тука! Здравјето на граѓаните не смее да биде предмет на компромис и не постои друго одржливо решение за еднократната пластика, освен нејзино некористење.

Дали како Иницијатива имате податоци колкава е дневната употреба на пластични кеси во земјава а колку на еднократна амбалажа? Какви се европските искуства во однос на забраната за употреба на пластични кеси и амбалажа? За колку се намали употребата а за колку отпадот?

-Податоците до коишто дојдовме се однесуваат на производството на пластични кеси кај нас. Тоа во 2019 г. изнесувало преку 5.000 тони вреќи и кеси од полиетилен што значи зголемено производство од 150% во однос на 2009 година. Голем дел од ова производство е наменето за домашниот пазар, па според некои податоци во нашата земја секоја година се користат половина милијарда пластични кеси.

Во Европа пак, веќе со години на сила се мерки за намалување на употребата на пластични кеси а резултататите варираат од држава до држава и се движат околу 50-60, а некаде и до 85% намалување. Ефектите од забраната на дел од еднократната пластика допрва ќе ги видиме, но ги имаме податоците што го вклучија алармот кај Европската Комисија:

– Секоја година,  во европските мориња завршуваат помеѓу 150 000 и 500 000 тони пластика.

– Секоја година во околината се ослободуваат од 75 000 до 300 000 тони микропластика, било директно или како резултат на распаѓањето од покрупни во поситни пластични парчиња.

– Отпадот од пластика учествува со огромни 80-85% во вкупниот морски отпад.

Замислете сиот овој отпад никогаш да не бил ни создаден?!

Забраната за употреба на пластичните кеси датира уште од 2012 година но освен што се појавија кеси кои не се биоразградливи, се чини дека во пракса не профункционира. Кои се новите предизвици за вашата Иницијтива?

-Дури и новиот закон совршено да профункционира, ова е првиот, иницијален чекор, бидејќи пластичните кеси се само дел од целата пластика за еднократна употреба. Фокусирани сме, овојпат, забраната да биде доследна, вклучително и на кесите од оксоразградлива пластика, коишто со години циркулираат во промет неосновано етикетирани како „биоразградливи“. Паралелно се залагаме за забрана и на останатата еднократна пластика којашто е одлика на се’ уште доминантниот, но неодржлив модел на линеарна економија.

К.В.С.

Слични содржини