Иницијативата за промени и конгрес во ВМРО-ДПМНЕ: На 28-март ќе се обединиме, Мицкоски не смее да калкулира

од Nikola Popovski
305 прегледи

„17-от Вонреден Конгрес на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде конгрес на обединување и нов почеток, на соочување со грешките и пропустите и нивно надминување, ќе биде конгрес на кој ќе донесе нова енергија и верба дека партијата знае и умее да победува“, стои во денешното соопштение на Иницијативата за промена во ВМРО-ДПМНЕ.

Според нив, „нездрава политичка атмосфера е кога сопартијците кои го избрале за прв човек, претседателот ги нарекува „слуги”, а ликови како Сафет Бишевац кои го навредуваа членството на ВМРО-ДПМНЕ дека немало мозок, ги поставува на кандидатски листи за пратеници“.

„Нездрава политичка атмосфера е кога сопартијците кои го избрале за прв човек, претседателот ги нарекува „криминалци”, а ликови како Воислав Зафировски кои немаат ниту „В” од ВМРО ги фаворизира во партиските структури, иако истите барале максимални казни за осудените од 27 април. Нездрава политичка атмосфера е кога на сопартијците кои го избрале за прв човек, претседателот им се заканува и ги колне, а од друга страна бара поддршка од антинато структури како Јанко Бачев и Солза Грчева. Нездравата политичка атмосфера овие три години резултираше со губење на 150 000 гласови  и неколку изборни порази во континуитет. Слабо ВМРО-ДПМНЕ значи и слаба Македонија. Затоа сеуште актуелниот претседател Христијан Мицкоски не смее да калкулира“, велат од Иницијативниот одбор за промени.

Во сабота во Музејот на револуционерната борба ќе се промовира одлуката за свикување на вонреден Конгрес на 28 март, со цел изгласување на (не)доверба на актуелниот партиски лидер Христијан Мицкоски, а неофицијално слоганот ќе биде „Сплотени во победа“.

Во меѓувреме, Централниот комитет на ДПМНЕ одлучи да се одржи редовен партиски Конгрес во ноември годинава, што практично води кон сценарио двете страни да влезат во битка за политичкиот легитимитет, но и за докажување на легалноста на одлуките.

Слични содржини