Инспекторатот на Град Скопје на чело со главниот инспектор Мирослав Богдановски, како и Општина Карпош и понатаму не постапуваат на пријавите на граѓаните за отпадот кој со месеци го прави ресторанот „Буре-Срна“ во Карпош 3.
Богдановски минатата недела, иако од Комунална хигиена Скопје соопштија дека неколку пати го пријавувале ресторанот поради неселектирањето на отпадот од кафеаната, за „Локално“ изјави дека првпат слуша за таков случај и дека веднаш ќе постапи.
„Веднаш ќе биде даден налог за постапување на комуналните инспектори на посочената локација. Ова е прв пат да имаме претставка во однос на посочениот локал, ЈП Комунална хигиена официјално нема доставено никакви записници до Инспекторатот на град Скопје“, ни изјави главниот инспектор на Град Скопје.
Откако и нашата редакција го пријави случајот, и во текот на вчерашниот ден му беа испратени нови фотографии дека „Буре-Срна“ продолжува со своето однесување, од Богатиновски не добивме одговор.
На прашањата зошто се игнорираат пријавите на граѓаните до него и Инспекторатот на Град Скопје и кој ја штити „Буре-Срна“, од првиот инспектор на Градот молк.
Од Општина Карпош веќе две недели не добиваме одговор зошто ситуацијата, на 100 метри од нивните бараки се игнорира. Градоначалникот Стевче Јакимовски на неколку наврати знаеше да врти со својот џип по Карпош и да ги прекорува чистачите од Комунална хигиена дека не си ја вршат својата работа, но за овој случај очигледно ги „врти очите“ настрана.
Службите на Комунална хигиена Скопје (КХС) веќе неколку пати имаат направено записници за отпадот кој го прави кафеаната „Буре-Срна“ во Карпош 3, кои се предадени до Инспекторатот во Град Скопје, од каде сѐ уште нема реакција, изјави за „Локално“ Ќамуран Исмаили, Помошник Директор за организациски работи ЈП Комунална хигиена – Скопје.
„Нашата Еко-патрола активно работи на терен и реагира секаде каде што има потреба. По неколку пријави од граѓаните од околината реагирано е и за оваа ситуација, меѓутоа како што споменав погоре, Одделението за комунална инспекција во Град Скопје нема реакција“, вели Исмаили за случајот.
Според Филип Стефановски од КХС, за наведениот проблем на ул.Никола Русински тие како Јавно претпријатие, кое е задолжено за одржување на хигиената на јавните контејнери, нивно навремено празнење и депонирање на сметот, редовно секојдневно ја извршуваат нивната должност во трета смена со почеток во 22 часот.
– Нашата служба Еко патрола во месец февруари има извршено едукација и изготвено едукативни записници на наведениот објект, ресторан Срна, како треба да се третира сметот, вели тој за „Локално“ и додава дека прашањата треба да се упатат до Општина Карпош, односно до нивниот Инспекторат, кој е задолжен да изготвува мандатни казни за неправилно третирање и одлагање на сметот.
Од фотографиите кои ни ги испратија наши читатели се гледа нередот кој, според нив, го предизвикуваат токму од кафеаната. Сликите навечер од отпадот кој го предизвикуваат, посебно по деновите пред и за време на викендот, се уште позагрижувачки.
Најмногу загрижува фактот што маскирани лица доаѓаат и го истураат ѓубрето во подземниот контејнер кој е наменет само за граѓаните, според фотографии испратени до нашата редакција.
Останува прашањето кој ја штити и продолжува да и дозволува на кафеаната да го полни подземниот контејнер со свој отпад, а кој е наменет само за граѓаните – Општина Карпош или Инспекторатот на Град Скопје?
В.З.