За секое загадување на амбиенталниот воздух во Скопје и надминување во два последователни дена, Министерството за животна средина не информира и ние имаме обврска да ги зајакнеме контролите на субјектите кои што ги контролираме ние, тоа се оние со А-интегрирани дозволи и субјектите кои што поседуваат елаборати кои што се одобрени од Министерството за животна средина, вели директорот на Државниот инспекторат за животна средина, Сретен Стојковски.
Toj вели дека им укажале на граѓаните дека загадувањето претежно доаѓа од греењето во домаќинствата.
-Имавме повеќе претставки коишто укажуваат дека одредени граѓани користат недозволени средства за затоплување. Но, ние како Државен инспекторат немаме надлежност да влеземе во нивните куќи, без судска наредба или одлука. Цело време апелираме до граѓаните да користат такви извори за греење, што не ја загадуваат животната средина. Да се избегнува, пластика, гума, дрво од индустријата за производство на мебел итн, изјави Стојковски како одговор на новинарско прашање за аерозагаденоста на Скопје на денешната прес-конференција посветена на активностите од тековното работење на Инспекторатот.
Тој истакна дека инспекторите за животна средина може да интервенираат и излегуваат на терен само во случаи каде има натрупување на отпад во дворовите и да пишуваат казни. Во последните три-четири месеци санкционирани се четири-пет физички лица со казни од 250 евра, сума која е преполовена на 125 евра, бидејќи е платена во рок од осум дена, а лицата се задолжени да ги исчистат површините каде што складирале отпад.