Министерот за економија итно побара да се коригираат цените на производите што се најпотребни периодов за новогодишните празници и да им се излезе во пресрет на граѓаните. Ако трговците си тераат по свое и не ја почитуваат мерката за поевтинувања, Владата повторно ќе ги „замрзне“ цените на храната.
Во меѓувреме, некои производи поскапеле за дури 25%, вели премиерот. Мицкоски рече дека на владина седница донеле одлука со што се засилуваат инспекциските контроли во маркетите кои срамно ги покачиле цените на некои производи.
Инспекторите се веќе на терен и анализираат како се движеле цените на храната во изминатите три месеци, односно колку поскапеле производите што не се опфатени со новогодишната кошница.
-Од мониторингот кај трговците на мало (маркетите) е утврдено дека цените на производите од Новогодишната кошница се намалени за 10%, но се додадени и околу 30 нови производи (млеко и млечни производи, месо и месни производи, масло и јајца) каде се бележи намалување од 10% до 20%. Во месец ноември постоело зголемување на цените на основните прехранбени производи, но со започнувањето на акцијата „Новогодишна кошница„ постигнато е нивно стабилизирање и намалување, информираа денеска од ДПИ.
Оттаму додаваат дека трговците на мало (маркетите) генерално се придржуваат до акцијата за намалување на основните прехранбени производи, а констатирани се ситни забелешки во однос на обележување на цените и самите цени, што по изречените опомени беа коригирани и отстранети.
-Кај добавувачите и производителите односно трговците на големо контролите се во тек, а по нивно завршување ќе ја информираме јавноста за утврдената фактичка состојба, додаваат од ДПИ.