Инстаграм автоматски додаде „терорист“ во описот на Палестинците

од Vladimir Zorba
1,7K прегледи

Мета платформи се извини откако го вметна зборот „терорист“ во биосот на профилот на некои палестински корисници на Инстаграм. Станува збор за грешка во автоматскиот превод, изјавија тие.

Проблемот се појави кај корисниците со зборот „Палестинец“ напишан на англиски на нивниот профил, емотикон со палестинското знаме и зборот „алхамдулилах“ напишан на арапски.

Автоматски преведена на англиски, фразата гласеше: „Слава му на Бога, палестинските терористи се борат за својата слобода“. Во меѓувреме Инстаграм го реши проблемот и им се извини на корисниците. Автоматскиот превод сега гласи: „Фала му на Бога“.

Палестинецот Фахад Али, секретар на Фондацијата „Electronic Frontiers Australia“ со седиште во Сиднеј, рече дека Мета не биле доволно транспарентни во објаснувањето како тоа можело да се случи. Загрижен за можните дигитални предрасуди, тој ја повика Мета да ги објави сите околности на овој случај.

Поранешен вработен во Фејсбук, вклучен во дискусии меѓу сегашните вработени во Мета, изјави за Guardian Australia дека проблемот „навистина турнал многу луѓе на работ“ – внатрешно и надворешно.

Откако започна војната меѓу Израел и Хамас, Мета беше обвинета за цензура на пропалестинските објави на своите платформи, за забрана на кориснички сметки кои објавуваат поддршка за Палестина или за деградирање на нивната содржина, со што е помала веројатноста да се појавува во „фидовите“ на други корисници.

Компанијата објави дека вовела нови мерки од почетокот на конфликтот за да се справи со „зголемувањето на штетната и потенцијално штетната содржина што се шири на нашите платформи“. Тие, исто така, негираа дека потиснале нечиј глас.

Грешката што ги спречи Reels и повторно споделените објави да се појавуваат во текот на изминатата недела, според нив, била од техничка природа и не е ограничена само на објави за Израел и Појасот Газа.

Во еден момент дојде до глобално исклучување на Фејсбук. Иако содржините што го глорифицираат Хамас или насилните и графичките содржини се забранети, Мета призна дека може да се направат грешки при цензурирање на други содржини и ги повика корисниците да бидат свесни за тоа.

Слични содржини