Инсталацијата на фотоволтаици да може да се прави паралелно со обезбедување на потребни дозволи

од Берта Китинска
172 прегледи

Состојбата во која се наоѓаат бизнисите е исклучително предизвикувачка и неопходно е итно и неодложно да се обезбедат соодветни, таргетирани и реални мерки за поддршка, истакнува Сојузот на стопански комори на Македонија. Енергетската криза задава тежок удар на стопанството, a ценовниот притисок што го предизвикуваат рекордните вредности на електричната струја на берзите веќе почна да предизвикува затворање на одредени производни капацитети.

Сојузот уште во месец август достави 14 барања за мерки од кои со најголемо значење се тие за ограничување на цената на струјата до одредено ниво до кое ќе ја плаќаат претпријатијата, додека над тоа ниво да ја плаќа Владата преку фондови наменети за енергетска кризна состојба како и обезбедување на струја од домашните производни капацитети, по поповолна цена за стопанството.

Согледувајќи ја реалната состојба на терен истакнуваме уште едно барање, а тоа е во услови на прогласена кризна состојба, да се дозволи процесот на инсталирање односно поставување на фотоволтаични панели да се одвива паралелно со обезбедувањето на потребните дозволи и целокупната документација. Ова го бараме од причина што голем број на компании се подготвени да инвестираат и веќе ги имаат направено неопходните набавки, но процесот е закочен заради бирократските процедури за обезбедување на дозволи. Со тоа ќе се дозволи компаниите со свои инвестиции да ја намалат енергетската зависност, а воедно и сметките за електрична енергија. Барањето е неопходно, разумно и не ангажира никакви дополнителни средства за реализација од страна на државниот буџет.

Владата и надлежните институции треба брзо и ефикасно да постапат и да преземат се што е во нивна надлежност за создавање на подобри услови за работење на бизнисите во услови на криза.

Во рамките на пакетот на мерки кој со подготви Сојузот во соработка со експерти се истакна и барање за укинување на ДДВ за фотоволтаици и опрема за монтажа на фотоволтаици, како и за инвертер клими и агрегати со кои може да се намали количината на енергија која се ангажира за загреење на објектите. Со цел да се дестимулира употреба, потребно е да се воведе дополнителен данок за користење на енергетски неефикасни уреди за загревање, а во Скопје и во другите градови каде има можност треба да се обезбеди бесплатно приклучување на систем на централно греење. Сојузот предлага и мерки за зголемување на енергетската ефикасност, меѓу кои се оданочување со повисок данок на стариот тип светилки со вжарено влакно, кои во продавниците треба да се одвојат на посебен рафт и да се обележат како енергетски неефикасни. Се предлага во Законот на градење да се изврши измена со која при градбата на нови објекти задолжително ќе постои обврска за монтирање на енергетски ефикасни решенија и фотоволтаици на крововите. Потребно е и да се класифицираат новите градби според степенот на енергетската ефикасност и еден дел од комуналните давачки да се одредува според енергетска класа на објектот.

Слични содржини