Резултатите од пописот што се спроведе во Албанија покажуваат дека во земјата живеат 2281 Македонец. Според извештаите на институтот за статистика ИНСТАТ, во Албанија по најновиот попис живеат повеќе Бугари од Македонци.
Според резултатите, 7957 се попишани како Бугари. Првпат се случува на попис во Албанија да се попишат лица од оваа националност, односно досега ниту еден жител на Албанија не се изјаснил како Бугарин низ историјата на спроведување на оваа статистичка операција.
Не се знае дали е ненамерна грешка, но вредно за споменување е и што во прегледот ја пишува припадноста за сите етнички заедници, освен за Македонците. Кај нив стои „Северномакедонци“ што е спротивно на соодветните придавки кои се дефинирани и прифатени во Обединетите нации, согласно Преспанскиот договор.
Според Албанскиот завод за статистика, во Албанија живеат 2,4 милиони луѓе. Споредено со последниот попис во 2011 година, бројот на жители е намален за 419.000 лица, забележано е намалување од 17 отсто.
Според пописот, 2.186.917 лица се изјасниле како Албанци, 23.485 како Грци, а 12.375 како Египќани. Според податоците, 99,4 отсто од населението се Албанци.
Што се однесува до верското уверување, 1.101.718 жители се изјасниле дека се од исламска вероисповед, 115.644 се бекташи, 201.530 католици и 173.645 православни.