По завршување на координираната акција на Кванташкиот пазар која вчера Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) ја спроведе заедно со Управата за финансиска полиција, Министерство за внатрешни работи и Агенцијата за управување со одземениот имот, директорот на Агенцијата за управување со одземен имот, Дритон Небиу одржал средба со неговиот колега од ДПИ, Горан Трајковски и заеднички одлучиле запленетата роба од овошје и зеленчук да биде донирана во установите каде што е најнеопходна ширум земјава.
За прв пат се случува запленетата роба во истиот ден да биде донирана до институции, како што се ЈУДД „11 Oктомври“ – Скопје, Државно училиште за рехабилитација за деца и младинци со оштетен вид ‘’Димитар Влахов ‘’ Скопје, ЈЗУ Универзитетска клиника за физикална терапија и медицинска рехабилитација – Скопје, Здружение за слепи лица – Куманово, Ј.З.У Специјална болница по гинекологија и акушерство „Мајка Тереза“, ЈЗУ Психијатриска болница „Скопје“ – Скопје, Институт за белодробни заболувања кај децата Козле, ЈУ Завод за рехабилитација на деца и младинци – Скопје и во КПУ Идризово.
Од Агенцијата изразуваат благодарност до сите надлежни институции за дадената поддршката и цврстиот став за решавање на проблемот со високите цени на производите.
-Се работи за доброто на граѓаните и секое заобиколување на законите ќе се санкционира, затоа што системот мора да функционира во целост со доследно почитување на законските прописи. Им благодарам на колегите од Агенцијата за управување со одземен имот и на колегите од надлежните институции кои несебично и најпрофесионално си ја завршија работата, стои во објавата на Агенцијата за управување со одземен имот.
Вчера над 30 инспектори беа на терен на Кванташки пазар каде што се вршеа инспекциски надзори на увозници на овошје и зеленчук, како и на сите трговци на лице место.
ДПИ во периодот од 27 март до 9 април извршил над 1100 инспекциски надзори на целата територија на Македонија. За овој период ДПИ наплатил и издал над 230 прекршочни платни налози во вредност од скоро осум милиони денари. Од ДПИ информираат дека се извршени и повеќе од 650 надзори врз основа на Одлуката на Владата за определување на највисоки цени за одделни производи во трговијата на мало која се однесува на цените на замрзнување на овошјето и зеленчукот.