Институт за европска политика: Поддржуваме аргументирана дебата за францускиот предлог без сведување на „предавници“ и „патриоти“

од Vladimir Zorba
267 прегледи

Деновиве сме сведоци на напади врз граѓански организации поради ставовите кои јавно и аргументирано ги споделуваат со јавноста во врска со францускиот предлог за отворање преговори со ЕУ. Би сакале да нагласиме дека, наспроти сѐ, Институтот за европска политика (ЕПИ) ќе остане доследен на своите цели, мисија и принципи, велат од ЕПИ денеска преку соопштение.

„Продолжуваме да се застапуваме за вредностите на ЕУ утврдени во членот 2 од Договорот за ЕУ: „почитувањето на човековото достоинство, слободата, демократијата, еднаквоста, владеењето на правото и почитувањето на човековите права, вклучувајќи ги и правата на лицата кои припаѓаат на малцинствата“.

Остануваме доследни на нашите принципи на стручност, интегритет и независност.

Поддржуваме аргументирана дебата каква што недостасува во јавноста, без сведување на “предавници“ и „патриоти“.

Ја збогатуваме дебатата за проширувањето со учество на сите релевантни субјекти, вклучувајќи официјални претставници, независни експерти и граѓански организации, домашни и странски.

И натаму ќе бидеме отворени за медиумите, почитувајќи ја нивната независност и слободата на изразувањето, како основни демократски вредности.

Очекуваме објективно и непристрасно известување, без искривување и врамување.

ЕПИ ќе остане непартиска организација, која ќе соработува со сите релевантни субјекти, но и ќе анализира, критикува и предлага, врз основа на истражувања и докази“, додаваат оттаму.

Слични содржини