
Писмо до претседателот Иванов на обвинителката од СЈО Фатиме Фетаи
Господине Ѓорге Иванов,
Причина за ова писмо е Вашата скандалозна и незаконска Одлука за мое помилување-ослободување од гонење без спроведување на постапка, со која сте ме ослободиле од непостоечко кривично гонење.
Барам од Вас веднаш да донесете Одлука со која надвор од правна сила ќе ја ставите Одлуката за мое помилување-ослободување од гонење без спроведување на постапка, Бр.08-549/1 од 12 април 2016 година, Службен весник на Република Македонија бр. 72.
Како правник, Ве советувам сериозно да ја преиспитате вербата и стручноста на Вашиот правен тим кој ве советувал да донесете ваква незаконска одлука, повикувајќи се на непостоечки членови од Законот за помилување. Или пак, можеби како што истакнавте во Вашето обраќање до јавноста, сам сте ја донеле Одлуката. Како и да е, во двата случаи најблаго кажано, се работи за елементарно непознавање.
Еден од основните услови да ослободите лице од кривично гонење е истото тоа лице да се гони кривично, а дали некое пријавено лице ќе се гони кривично или не, одлучува јавен обвинител. Тој процес започнува кога против конкретно лице ќе започне истражна постапка или истражно дејствие и тоа лице стекнува кривично правен статус на осомничен. До денот кога Вие грубо ги пречекоривте Вашите овластувања и ја донесовте срамната и незаконска Одлука за мое помилување-ослободување од гонење без спроведување на постапка, ниту јавниот обвинител одлучил да бидам кривично гонета, ниту имам статус на осомничено лице. Со ваквиот противправен и срамен чин од Ваша страна, Вие, индиректно ме посочивте како извршител на кривично дело и ме сврстивте со лица за кои се води постапка или пак се осудени за кривични дела.
Дури и на Вас не ви е дозволено да постапувате надвор од нормите и уште помалку лажно да етикетирате лица. Иако пред Законот сите сме исти, во правна смисла не сме. Постојат пријавени, осомничени, обвинети и правосилно осудени, но не се сомневам дека Вие како докажан правник тоа сигурно го знаете.
Ја одбивам Вашата “добрина“ и “милостина“ која патем треба да ја чувате за, како што изјавивте, во иднина. Но и во иднина Ве замолувам немојте неразумно да се расфрлате со неа за мене. Јас како јавен обвинител треба да бидам пример за правичност и затоа инсистирам да одговарам за моите постапки, како што и ќе инсистирам секој да одговара за своите, без исклучок. Ова последното е потсетување дека не сум од класата на Вашите “политичари“ на кои несебично им ја поделивте Вашата “милостина“, со цел и на начин разбирлив само Вам, преку неказнување на потенцијалните извршители на тешки кривични дела, да стимулирате социјална катарза и да постигнете благосостојба во општеството на подолг рок. Видливо е дека ќе ја постигнете целта која ја најавивте, само во обратна смисла.
Кривичната пријава против мене, за која сте свесен дека е јалова конструкција на одредена група луѓе на кои очајно им треба или допрва ќе им треба Вашата “милостина“, е со цел да се наштети на мојот личен и професионален углед и на угледот на Обвинителството во кое ја извршувам функцијата обвинител. Но, Вие тоа секако го знаете, бидејќи како претседател изјавивте дека можете да дојдете до секакви податоци, дури и од тајните постапки кои се водат во Обвинителствата. Со тоа, само ги потврдувате моите сомнежи за Вашата умисла која ја имате во целата оваа валкана игра.
Не господине Иванов, “No pasarán“. Доколку сметате дека не сте дел од валкани игри и смислени конструкции, еве ви добра шанса тоа делумно да го докажете. Единствено што треба да направите е да го уважите ова мое барање за повлекување на Одлуката за мое помилување-ослободување од гонење без спроведување на постапка.
Без разлика на Вашата одлука, за сторената повреда на мојата чест и углед ќе ги искористам сите правни механизми кои ми стојат на располагање и ќе барам соодветна отштета и за мене и за поблиското семејство.
На крај, само да Ви посочам дека во изведбата на најсрамниот чин во историјата на Република Македонија при неразбирливо брзање, барем за мене не требаше толку да брзате, всушност сте ја помилувале Фатиме Фетаи од Гостивар. Верувам дека сте мислеле на мене, односно сугестиите Ви биле за мене, само што требало детално да Ви ги кажат моите лични податоци. Јас не сум од Гостивар, живеам во с.Боговиње – Тетовско и со целата оваа рашомонијада која ја направивте, Вие тотално го избришавте правниот систем во Република Македонија.

Писмо до претседателот Иванов на обвинителот од СЈО Гаврил Бубевски
Г.Иванов
Со Ваша одлука од 12.04.2016 година и решение за помилување од истиот датум сте одлучиле да ме ослободите од кривично гонење.
Во овој момент Ви се обраќам како граѓанин на оваа држава, освен ако некој исто така со ништо не повикан како и Вие, не ме отпишал и од државјанство.
Оставив да поминат неколку дена, како би можел да го исконтролирам својот гнев за оваа Ваша одлука и сепак да останам прибран во писмото кое планирав од првиот момент да Ви го испратам. Верувајте, во првичната верзија на писмото немаше да се препознаете дека сте човек, за Претседател и без тоа веќе си знаете.
Значи, барам веднаш да донесете одлука со која надвор од правна сила ќе ја ставите одлуката за помилување која сте ја донеле спрема мене и веднаш да ја објавите во службен весник. Спремен сум да Ви доставам и образец за тоа како да изгледа, затоа што немам некоја искрена верба во Вашиот правен тим, вие треба само да го потпишете. За жал, Вие се уште сте овластен потписник на такви акти.
Имено, во неколку наврати се обидов да го ислушам до крај Вашето обраќање до јавноста и не успеав. Верувам дека и Вие самиот не можете да го ислушате. Кога слушнав дека сте донеле одлука за помилување на сите политичари, и тоа го спакувавте како врвен интерес на Република Македонија, почнавте да ми се допаѓате. Во тој момент помислив дека Вие сте доброчуден циник и очекував во истиот стил на крај да кажете„се разбира дека сево ова е само обична шега и ја закажав оваа прес конференција за да ја релаксирам состојбата во државата“, со крајно поентирање дека врвен интерес на Република Македонија не може да биде неказнивоста на политичарите, напротив, врвен или највисок интерес е тие да бидат казнети ако сториле кривично дело. За жал згрешив во проценката, и не само тоа, туку во службен весник од 12.04.2016 година меѓу помилуваните бев и јас, како врвен политичар.
Не можам да се изначудам на кој начин отворивте процедура за мое помилување, од каде Ви се податоците дека против мене се води некаква постапка, дали воопшто знаете дали е започнато некакво кривично гонење против мене за да ме ослободите од истото. Господине Иванов, од Вас јас не барам милостина и не ја сакам, јас ако нешто сум направил и тоа претставува кривично дело ќе си одговарам за тоа, само обвинителството ќе треба да докаже. Како јавен обвинител треба да бидам пример за правичност и правда и затоа инсистирам да одговарам за моите постапки.
Вие ме помилувавте затоа што против мене била поднесена кривична пријава, не знам точно ниту за кое кривично дело, од средствата за јавно информирање разбрав дека е за малтретирање во службата, и тоа од лице кое сум го испитувал како сведок во присуство на уште двајца обвинители и записничар. Мотивите за пријавата нема да ги коментирам, познати им се на тие кои ја бараа вашата милостина.
Не знам дали Вие знаете колку кривични пријави секојдневно се поднесуваат во Скопското јавно обвинителство, меѓу другото и и за јавни обвинители и за судии, дури и за раководните лица на тие институции, секако и за Јавниот обвинител на Република Македонија.
Зошто едноставно не го побаравте уписникот на кривични пријави и не ги ослободивте од гонење сите пријавени. Дали Вашиот правен тим, кој и да учествува во него Ви посочил дека за да се ослободи човек од гонење треба некој да го гони? Како Вие мене ме ослободувате, од што, од кривичната пријава? Дали некое пријавено лице ќе биде кривично гонето одлучува јавниот обвинител врз основа на расположивата документација. Тој процес започнува кога против конкретно лице ќе започне истражна постапка или истражно дејствие и тоа лице стекнува кривично правен статус на осомничен. Во поканата со која ме повикуваа во Основното јавно обвинителство Скопје и во кој воопшто не беше наведено за кое кривично дело, од кои причини и ја вратив, бев повикан како пријавено лице, а не како осомничен.
Сакам да кажам дека јавниот обвинител не ми дал својство на осомничен, за да Вие имате можност да ме помилувате, меѓутоа си ги пречекоривте овластувањата и ставивте рака со забрана за мое гонење. Дури и да сум осомничен не барам милостина, јас за своето недело, ако сум го сторил ќе си одговарам.
Дали сте свесни дека со тоа индиректно ме посочивте како извршител на кривично дело, а од политички причини не дозволувате да одговарам? Од кога јас сум врвен интерес за Вас? Дали сте свесни колку ја повредивте и мојата чест и мојот углед и за тоа Ве уверувам дека ќе си барам соодветна отштета и за мене и за поблиското мое семејство и ќе ги искористам сите правни механизми кои ми стојат на располагање. Штетата ќе ја барам по правилата на објективна одговорност од институцијата Претседател на Република Македонија. За субјективната Ваша одговорност се уште имам дилеми и сум поборник дека нема потреба да Ви поднесувам кривична пријава за оваа одлука.
Сакам да ви посочам и дека Јавното обвинителство на Република Македонија против едно лице води постапка за психолошко помагање на кривично дело. Дури и првостепениот суд го има прифатено таквиот став. За Ваша среќа, сега засега Апелациониот суд во Скопје не е на таа линија. Инаку, во ситуација кога помилувавте толку многу лица, притоа за некои ниту се води, за некои е поведена, а некои се и осудени, и според Вашето излагање планирате и понатаму да помилувате, јас можам да Ви укажам дека Вие во контекст на претходно кажаното вршите психолошко помагање според правните сваќања на Јавното обвинителство на Република Македонија, и тоа речиси на сите кривични дела од Кривичниот Законик. Вие не знаете какви се дејствија, односно недејствија има во прислушкуваните разговори. Тргнавте во многу опасна авантура и верувам дека се работи или за лекомисленост, или за измама спрема Вас, за да донесете таква одлука или за правна или стварна заблуда во однос и на можноста и на суштината за ваква одлука, или за некаква уцена. Употребата на членот 11 од Законот за помилување исто така нема да го коментирам. Доволно Ви кажаа сите истакнати правни умови во оваа држава.
Било кој од овие институтути да постоел при донесувањето на Вашата одлука, па и заблудата за употреба на членот 11 од Законот за помилување, барам, барем по однос на мене да се повикате на некој од нив, односно на тој што постоел, да ја ставите вон сила претходната одлука и да го поништите решението со кое ме помилувавте.

Писмо до претседателот иванов на обвнителката од СЈО Лиле Стефанова
Господине Ѓорѓе Иванов!
Барам од Вас веднаш да донесете Одлука со која надвор од правна сила ќе ја ставите Одлуката за помилување – ослободување од гонење без спроведување на постапка на Лиле Стефанова под број бр. 08-549/1 од 12.04.2016 година објавена во Службен весник на Република Македонија бр. 72 од 2016 година.
Причините за ова мое барање се правни и лични. Господине Иванов донесената одлука ја темелите на непостоечки членови од Законот за помилување и со самото тоа истата е незаконска. Покрај ова основен услов да ослободите лице од кривично гонење е против истото тоа лице да се води кривична постапка. Во времето кога Вие ја донесовте оваа одлука за мое помилување-ослободување од гонење без спроведување на постапка, против мене само е поднесена кривична пријава, но кривична постапка не е започната што значи јас немам статус на осомничено лице. Со ваквиот чин од Ваша страна индиректно ме посочивте како извршител на кривично дело и со тоа му правите огромна штета на мојот углед на професионален и на приватен план.
Од погоре наведените причини Ве известувам дека го одбивам Вашето помилување како незаконско и непотребно, а како јавен обвинител Ви укажувам дека вината треба да се докажува низ судска постапка, за секој без исклучок. Ослободувањето од кривично гонење на лицата кои се наведени во Вашите акти за помилување само поради тоа што се политичари или јавни обвинители во никој случај не може да биде оправдано, а најмалку под изговор за високи државни интереси. Кривичната пријава на која Вие се повикувате во актот за моето помилување е вешто направена конструкција со цел да се наштети на мојот личен и професионален углед и на угледот на Обвинителството во кое сум вработена а се со цел да се влијае на постапката во која беа осомничени поранешни министри и сегашни функционери во Владата на РМ . Мојата невиност треба да ја докажувам во постапката пред Основното јавно обвинителство Скопје и пред надлежниот суд, а со Вашата одлука ме доведовте во позиција за истото да се произнесувам во медиумите и непотребно ме вовлековте во политичките игри кои ги водите.
Поради напред наведеното барам од Вас да го уважите оваа мое барање за повлекување на Одлуката за мое помилување-ослободување од гонење без спроведување на постапка.