Американскиот технолошки гигант Intel ќе инвестира 20 милијарди долари во две нови фабрики во Охајо, каде ќе се произведуваат софистицирани чипови.

Планираната инвестиција ќе опфати отворање на три илјади постојани работни места, а уште седум илјади работници ќе бидат вработени на изградба на површина од илјада хектари во областа Лајкинг, недалеку од Колумбус.

Комплексот има простор за изградба на осум погони во вкупна вредност од 100 милијарди долари, пренесува SEEbiz.

Извршниот директор Пет Гелсинџер сака да го прошири производството, особено во Европа и САД, за поуспешно да се натпреварува со другите производители во период на силна побарувачка за чипови што моментално ја надминува понудата.

„Фабриките ќе создадат нов епицентар за производство на софистицирани чипови во САД и ќе ја поддржат врската на Intel помеѓу развојот и домашното производство“, се вели во соопштението на Гелсинџер.

Компанијата почнува да прави планови, изградбата треба да започне до крајот на оваа година, а производството до 2025 година.

Производителите на чипови ширум светот се обидуваат да го зголемат производството, поттикнато од недостигот на клучни компоненти во широк спектар на производи, од автомобили до електроника за широка потрошувачка.

Intel, исто така, се обидува да ја врати позицијата на водечки светски производител на најмали и најбрзи чипови што моментално ја држи тајванската TSMC.

Неговите планови, сепак, нема да го решат сегашниот недостиг, бидејќи изградбата на такви комплекси трае со години. Гелсинџер еднаш рече дека недостигот на чипови треба да трае до следната година.

Слични содржини