Лаутаро Мартинез би можел да ги напушти редовите на Интер во летниот преоден рок. Аргентинецот неодамна го продолжи договорот до 2026 година, но и покрај тоа многу европски клубови го посакуваат во своите редови, пренесе СК.
Оваа сезона во Серија А постигна 11 гола, но проблем е што Мартинез не се запиша во листата на стрелците на 13 натпревари од Лигата на шампионите. Последен пат против Реал ја погоди мрежата во елитното натпреварување во ноември 2020 година. Исто така, според мислењето на многумина, тој не се вклопува добро со Џеко во шпицот на нападот на актуелниот шампион на Италија.
Од сите овие причини Интер е расположен да го пушти доколку се појави адекватна понуда на лето. Веќе се споменуваат три имиња како потенцијални замени. Џанлука Скамака од Сасуоло веќе подолго време е на мета на Интер. Во Италија се зборува и за Паоло Дибала, освен ако не се договори со Јувентус. Трет на листата е талентираниот Канаѓанец Џонатан Дејвид, играч на Лил. Неговата цена е 50 милиони евра, а неговиот агент веќе најави дека Дејвид сигурно ќе го напушти Лил.