Ѕвездата на Интер, Ромелу Лукаку е повреден и го пропушта дербито со Милан, пренесе „Газета дело Спорт“.
Стрелецот, кој летото се врати од Челси, во утринската сесија заработи повреда на мускулот. Напаѓачот ќе има уште два последователни теста за да се утврди точно колку време ќе биде потребно за да се опорави.
Сепак, Белгиецот сигурно ќе ги пропушти следните два натпревари на Интер во Серија „А“ против Кремонезе (вторник) и Милан (сабота), а под знак прашалник е и за отворањето на Лигата на шампионите против Баерн Минхен на 7 септември на „Меаца“.
Сезонава Лукаку има еден гол по првите три кола на Калчото, а на 98 натпревари има постигнато вкупно 65 гола.
Интересно, поранешниот играч на Евертон, Манчестер Јунајтед и Челси е првиот играч кој постигнал гол на пет последователни дерби натпревари против Милан. Тоа го направи во својот прв престој во Милано, кога се запиша на четири дербија во првенството и едно за Копа Италија.