Торино бара близу 50 милиони евра од Интер за дефанзивецот Бремер и досега ова ја осудуваше зделката на неуспех. Сепак, ситуацијата би можела да добие пресврт откако Џанлука Ди Марцио откри дека во договорот на Бразилецот има посебна клаузула која му дозволува да ги напушти „биковите“ за само 15 милиони во јануари.
Пред неколку месеци Бремер го продолжи договорот до јуни 2024 година. На овој начин си заработува поголема плата, а Торино гарантира дека ќе може да го продаде за сериозна сума. Претседателот на клубот, Урбано Каиро е свесен дека нема начин да го задржи Бразилецот, но се надева дека ќе го продаде што попрофитабилно.
Ситуацијата околу Бремер ја следат и Јувентус, Тотенхем и Манчестер Јунајтед. Сепак, тој даде збор да се пресели во Интер бидејќи е навикнат да игра во систем со тројца централни дефанзивци и верува дека најбрзо ќе се прилагоди на стилот на „нероазурите“.
Поради наведената клаузула, поверојатно е Интер да почека зима и потоа да го купи Бразилецот. Проблемот за менаџерот Симоне Инзаги е што се очекува Милан Шкриниар наскоро да му се приклучи на Пари Сен Жермен и тоа ќе ги ограничи неговите дефанзивни опции.