Интер му нуди продолжување на договорот на Лаутаро Мартинез

од Vladimir Zorba
199 прегледи

Челниците на Интер му понудиле на Лаутаро Мартинез продолжување на договорот до 2028 година, според кое аргентинскиот фудбалски репрезентативец во миланскиот клуб би заработувал осум милиони евра по сезона, пренесe „Газета дело Спорт“.

Италијанските медиуми потсетуваат дека Мартинез со недели преговара со раководството на Интер. Сепак, договорот се уште не е постигнат, бидејќи капитенот на Интер бара плата од 10 милиони евра по сезона. Аргентинскиот фудбалер во клубот од Милано заработува 6,5 милиони евра годишно.

„Газета дело спорт“ наведува дека следната средба меѓу челниците на Интер и менаџерот на аргентинскиот фудбалер би можела да се одржи во март во Мадрид. На 13 март, Интер ќе му гостува на Атлетико во реваншот од осминафиналето на Лигата на шампионите, а Мадрид е дом на седиштето на менаџерската агенција која го претставува Лаутаро Мартинез.

Аргентинецот пристигна во Интер во 2018 година од Расинг. За клубот одигра 267 натпревари и постигна 124 гола. Мартинез (26) има договор со Интер до 30 јуни 2026 година. Тој е најдобар стрелец во Серија „А“ оваа сезона со 19 гола во 23 одиграни кола, додека Душан Влаховиќ е втор со 12 гола.

Слични содржини