Интернет порталите изразуваат спремност за разговор и договор со агрегаторите, но потпишаа барање од денеска (21 мај), до евентуалното постигнување договор, да бидат отстранети од понатамошно агрегирање на нивните содржини.

Агрегаторите да ги почитуваат авторските права на интернет порталите, преземањето на содржините како до сега е неприфатливо

од Vladimir Zorba
26 прегледи

По добиените известувања и предлог договори од страна на агрегаторите на вести, за преземање содржини без надомест, во вторникот на 20 мај, во организација на Здружението ОНЛАЈНМЕДИА.мк, претставници на поголема група македонски интернет портали одржаа состанок и расправаа за проблемот.

На крајот од расправата, најголем дел од претставниците на интернет порталите го усогласија и го потпишаа следниот став:

„Според последните измени на Законот за авторски и сродни права („Службен весник на РСМ“ број 87/2005), ве известуваме дека не ги прифаќаме вашите предлог договори испратени неодамна до нашите редакции, за правото да ги преземате нашите информации, фотографии, видеа. Доколку тоа бесправно преземање продолжи од ваша страна, ќе бидеме принудени да покренуваме постапки за заштита на авторските права. Сите потписници бараат да бидат отстранети од понатамошно агрегирање на информациите, почнувајќи од 21 мај 2025 година, се до постигнување на евентуален договор. Како асоцијација на портали, Онлајнмедиа.мк ви стои на располагање за разговор“.

Овој став го потпишуваат и го споделуваат следните портали (по азбучен ред):

А1ОН, Бриф, Вистина, Денар, Денешен,  Експрес, Еспресо, 24Инфо, Курир, Либертас, Лидер, Локално, МКД, Независен, НЕТ ПРЕС, 4NEWS, Плусинфо, Република, Рацин, Нова Македонија, Слободен печат, 360 Степени, Телеграфи, Точка, Трн, Фактор, Фокус, ММС, Канал77 и Црнобело.

Спортските портали (по азбучен ред):

Екипа, Гол, Дерби, Макфудбал, 24Фудбал, Кош, 24Ракомет, Спорт 1, СпортМ, Спортманија, Спортспорт, Спортски и Суперспорт.

Со свој потпис ставот го споделуваат и порталите на македонските телевизии (по азбучен ред):

Алфа,  Алсат-М, Канал 5, Сител и Телма.

Покрај наведените 45 портали, Здружението Онлјанмедиа.мк очекува кон ставот да се придружат и други портали, чии сопственици или претставници од објективни причини не беа во можност да присуствуваат на состанокот одржан на 20 мај, во просториите на Здружението на новинарите на Македонија.

Слични содржини