Интерпелацијата на Гаши денес пред народните избраници

од Nikola Popovski
16 прегледи

ВМРО-ДПМНЕ нема да ја поддржи денешната иницијатива за интерпелација на собранискиот спикер, Африм Гаши. Ова го потврди вчера премиерот Христијан Мицкоски, кој рече дека од партијата имале голем број аргументи за донесување на таквиот став. Според него, иницијативата е незрело однесување на опозициските партии.

Пратениците на СДСМ и Коалицијата ќе гласаат „за“ интерпелација на претседателот на Собранието. Тие набројаа низа причини за нивната одлука меѓу кои и последниот со користење на службеното возило и обезбедување на приватна веселба во Косово.

-Мицкоски ветуваше дека ниту еден политичар нема да биде поштеден од политичка одговорност доколку се докаже дека работел спротивно на правилата и законите а сега ревносно го брани Гаши-велат од СДСМ. Претходно и претседателот на партијата, Венко Филипче го истакна својот личен став.

Според ВЛЕН, интерпелацијата за претседателот на Собранието е директен напад врз државните институции и евроинтеграциите.

Интерпелацијата за Гаши на дневен ред пред пратениците ќе се најде на денешната седница. Иницијативата ја поднесе Левица и како што оттаму велат истата е заснована од седум причини меѓу кои – повреда на секуларноста на државата, скандалот на Меѓународниот аеродром во Скопје со косовската претседателка како и повреда на употребата на македонскиот јазик.

Претседателот на Собранието на брифингот со новинарите на 27 август рече дека интерпелацијата ќе биде прва точка на дневен ред на седницата закажана за денеска. Интерпелацијата, како што тогаш изјави, не е политички издржана. Се надева дека на седницата ќе има соочување на аргументи и, како што рече, како ќе одлучи пленумот, така ќе постапи.

Слични содржини